Еден од создавачите на Apple, Стив Вознијак, е познат по тоа што носи многу смартфони со себе, вклучувајќи и Android телефони, како и по тоа дека уште од првиот iPhone, секогаш ги купува новите модели уште првиот ден од нивното лансирање. Всушност, тој е на некој начин и претплатен на нов iPhone поради неговата позиција, но тоа ќе се промени со моделот “X”, кој според него не нуди нешто особено ново за да ја смени својата неодамна набавена iPhone 8-ка.

Тој и не наведува некои силни причини зошто не би го купил овој смартфон, но најавува дека ќе почека да види како ќе се покаже пред да го стави во својот џеб. Главна причина за ова би можела да биде Face ID опцијата за отклучување со лицето на корисникот, која е дефинитивно побавен процес во однос на Touch ID отклучувањето со читач за отпечатоци. Како и да е, тој нагласува дека неговата сопруга ќе го набави iPhone X уште од првиот ден и дека тој ќе биде доволно близу до телефонот за да го испита.

Претходно, Стив годинава изјави дека наредниот голем бум (сличен на iPhone) нема да го направи Apple туку најверојатно Tesla, што би можело да значи дека тој не верува дека iPhone X би можел да биде спасителот на Apple како што очекува компанијата, туку само уште еден смартфон во портфолиото на производителот. Како и да е, времето дефинитивно ќе покаже.

Извор: CNET, Extreme Tech, 9 to 5 Mac

Претходна статијаPay with Google за полесно плаќање на онлајн сервисите
Следна статијаМрежа со оптички кабли може да се користи за детектирање земјотреси