Од денес започнува познатиот MWC 2018, односно Mobile World Congress, саемот за мобилни и мобилна технологија кој традиционално во овој период од февруари се одржува во Барселона. Тоа значи дека ќе видиме одлична бројка на нови модели од компаниите кои специјално го користат овој саем за претставување на нивните нови модели.

Оваа година Samsung повторно реши својот Unpacked настан да го одржи во рамките на MWC, па вчера можевме да ги видиме новите и одлични Galaxy S9 и S9+.

Сепак, оваа статија е за Sony, па да не го носиме многу вниманието кон Samsung. Sony веќе подолг период не успева баш да претстави уред кој ќе привлече поголемо внимание, освен можеби кај група на верни фанови. Дизајнот остана тој стариот, додека конкуренцијата почна да ги прави овие денеска популарни смартфони со многу помали рамки околу екранот.

Најавено уште пред MWC, Sony се приклучи на ова „модерно“ време, па може да се каже дека со овие нови модели, ќе направи многу поголем ефект на пазарот.

Xperia XZ2 и XZ2 Compact се новите модели кои ги претстави Sony на MWC 2018. Истите се уреди од високата класа, па соодветно на тоа се и нивните карактеристики.

Двата уреди се скоро исти, односно главната разлика им е во големината. XZ2 доаѓа со 5,7 Full HD+ екран, односно екран со резолуција од 2160 x 1080 пиксели, додека XZ2 Compact доаѓа со 5 инчен, исто така Full HD+ екран.

Сепак, да ги поделиме посебно карактеристиките на двата уреди за подобра и полесна споредба.

Sony Xperia XZ2 доаѓа со, како што веќе напишавме, 5,7 инчен екран со резолуција од 2160 x 1080 пиксели и 18:9 сооднос. Она што овој екран го издвојува од голем дел од конкурентите е HDR поддршката со која корисниците добиваат подобри бои и контраст при гледање на содржината. Sony истакнува дека со BRAVIA® TV технологијата, ќе ја направат секоја содржина HDR, дури и кога не е снимена така.

Овој модел доаѓа со Dynamic Vibration System, како што е наречен од Sony, а го нема во помалиот модел. Со Dynamic Vibration System вибрациите на уредот се прилагодуваат на музиката којашто моментално е пуштена. Колку ова ќе им користи на повеќето корисници не знам, меѓутоа дефинитивно е интересен додаток.

Уредот доаѓа и со стерео звучници како и High Resolution Sound, па како и секогаш љубителите на добар звук ќе знаат зошто го бираат Sony за свој смартфон.

Камерата на XZ2 доаѓа со сензор од 19 мегапиксели и Sony ја претставува како првата камера на мобилен уред која може да снима 4K HDR содржина.

Уредот работи на моментално најдоброто од Qualcomm, односно Snapdragon 845. Доаѓа со 4GB RAM меморија и 64 GB меморија за складирање на податоци. Батеријата на уредот е со добар капацитет од 3.180 mAh.

Sony Xperia XZ2 Compact е скоро истиот телефон, а главната разлика е во тоа што тој е наменет за корисниците кои сакаат нешто помали уреди. Неговиот екран е со 5 инчи, исто така HDR и со резолуција од 2160 x 1080 пиксели.

Соодветно на помалиот дизајн е и помала батеријата, која кај овој уред има капацитет од 2.870 mAh. Овој уред исто така не ја вклучува Dynamic Vibration System технологијата, што не љубителите на помали уреди, не верувам дека ќе им направи некоја посебна разлика при изборот.

Сите карактеристики на овие нови уреди од Sony, доколку нешто што ве интересира го имаме пропуштено во оваа статија, можете да ги најдете на страната од компанијата на следниот линк. Во продолжение погледнете го видеото од колегите од The Verge кои се присутни на настанот и имаа шанса да го „прочепкаат“ уредот.

ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаРСБСП: Важни совети како да го управувате возилото по снежни и замрзнати коловози
Следна статијаNokia претстави четири нови Android смартфони – Nokia 1, Nokia 6, Nokia 7 Plus и Nokia 8 Sirocco
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.