Јапонскиот производител Sony можеби сѐ уште одѕвонува како исклучително квалитетен бренд со напредни карактеристики, но во последнава деценија нивните обиди во веројатно најважната гранка во светот во моментов, смартфоните, се прилично слаби. Да, уредите кои ги лансираат имаат одлични спецификации и допадлив дизајн (мене сѐ уште многу ми се допаѓаат), но промени во текот на годините се случуваат премалку, што за производител со мала база на корисници значи само едно – пад на продажбата.

Sony планира да го промени ова со новите модели на смартфони, кои конечно ќе донесат нов дизајн. Ова е потврдено од Кеничиро Хиби, директорот на Sony во Индија, кој изјави дека за новата генерација на паметни телефони тие подготвуваат целосно нов дизајн. Ова е прилично голема вест, бидејќи ако некој производител знае да направи добар дизајн, тоа сигурно е Sony, чиј OmniBalance дизајн на скоро секој Xperia X смартфон и натаму добро се носи со новите модели, иако е скоро 5 години стар.

Каков дизајн планира Sony за новите модели на телефони не може со сигурност да се каже, но лично се надевам дека тој ќе вклучува мала рамка околу дисплеите – актуелните Xperia X смартфони имаат исклучително голема рамка, чие место реално не е во смартфон од високата класа од 2017 година. Првите вакви телефони најверојатно ќе бидат претставени во февруари на MWC во Барселона, каде јапонскиот производител традиционално ги претставува своите нови модели на паметни телефони.

Извор: Android Authority, GSMArena, The Verge

Претходна статијаBritish Airways користи далечински управувани електрични возила за шлепување на авионите
Следна статијаIntel претстави чип наменет за вештачка интелигенција кој работи како човечкиот мозок