Според досегашните неофицијални информации кои ги имаме прочитано за Galaxy S10, десеттиот Galaxy S телефон од серијата, Samsung ќе претстави три различни варијанти од телефонот. Два од нив се очекувани, односно „стандарден“ Galaxy S10 и поголемиот S10+. Она што е ново е најавата дека повторно ќе биде вклучен мини модел, па очекуваме претставување на Galaxy S10 mini.

Уште една информација неколку пати веќе се „провлекува“, а тоа е дека технологијата за сензор за отпечатоци под екранот е доволно развиена и Samsung конечно ќе ја вгради во десетките. Првичните информации говореа дека сензорот ќе биде достапен само за двата поголеми модели, а нема да го има во мини моделот.

Сепак, според ексклузивни информации од The Investor, Samsung се има одлучено да вклучи ваков сензор во сите три модели, но сепак тие ќе се разликуваат според технологијата.

Па така, двата поголеми модели ќе го користат поновиот и повеќе прецизен и побезбеден ултрасоничен сензор, додека мини моделот ќе го користи оптичкиот сензор кој веќе можевме да го видиме во некој од уредите на конкурентите.

Ултрасоничниот сензор прави целосна и 3Д мапа од отисокот од прстот, со што се добива многу пореален и точен негов приказ, додека оптичкиот тоа го прави со 2Д слика. Сепак, мини моделот секогаш мора да има нешто послаби карактеристики за да се „оправдаат“ поголемите и поскапи модели.