Galaxy S8 е дефинитивно дизајнерски најимпресивниот смартфон кој излезе годинава – има исклучително мала рамка во горниот и долниот дел и заоблен дисплеј од страните. Сепак, според нови информации Samsung веќе работи на смартфон кој ќе биде заоблен на сите страни, што значи дека нема да има воопшто рамка околу дисплејот, односно дисплејот ќе зазема неверојатно 98% од плоштината на предниот дел.

Актуелните Galaxy S8 и S8+ имаат дисплеј кој зазема 83% од предниот дел, што е импресивен податок, но новиот дизајн може работите да ги однесе во една нова димензија, во која нашите паметни телефони ќе бидат само дисплеј однапред. Нешто што и го очекувавме веќе подолго време. Сепак, дисплеј кој ќе биде заоблен на сите страни предизвикува вистински инженерски кошмар, кој во моментов Samsung не може да го реши.

Имено, аглите на тој дисплеј ќе бидат мртва точка и нема да можат воопшто да регистрираат допир. Да, можеби корисникот и нема да ги користи аглите на телефонот за интеракција, но секако дека не е добро да има дел од дисплејот кој не функционира, макар и непотребен. Секако, овој телефон е сѐ уште рано во концептна фаза, во која се испитуваат најразлични прототипи и корејскиот гигант можеби ќе најде начин како да направи аглите да функционираат, а исто така може да се случи и ваквиот смартфон да има исправен дисплеј горе и долу, но без рамка.

Според други информации, и LG веќе работи на ваков смартфон – да потсетиме тие ќе почнат масовно производство на OLED дисплеи и најдобар начин да ја покажат технологијата е секако во свој паметен телефон.

Извор: CNET, Neowin, Trusted Reviews

Претходна статијаНова батерија се полни со светло, но нема потреба од соларни панели
Следна статијаСупериорните нискоемисионите стакла на Guardian можат да се купат во Македонија