a-concept-to-admire-samsung-galaxy-s8-edge

Онаму каде iPhone дефинитивно заостанува зад својот најголем конкурент е во квалитетот на дисплеите – Galaxy серијата има подлабоки бои и многу, многу поостар екран. Со новата S8-ка, Samsung најверојатно ќе направи уште еден голем чекор пред Apple со лансирањето на првиот смартфон со 4K дисплеј во својата понуда.

Многумина веднаш ќе речат дека тоа е премногу за еден паметен телефон и дека дури и Full HD резолуцијата е доволно остра и тоа е точно, се додека во равенката не се стави виртуелната реалност. При гледање на виртуелни содржини дури и дисплеите со Quad HD резолуција се покажуваат како недоволно остри, бидејќи пикселите се лесно видливи.

Токму виртуелната реалност ќе биде насоката во која Samsung ќе го води својот нов телефон од највисоката класа. Покрај 4K дисплејот (4096х2160 пиксели), новата S8-ка ќе биде опремена и со нов, исклучително моќен графички чип, кој и покрај високата резолуција на дисплејот, ќе овозможи високи перформанси и квалитетно гледање на виртуелни содржини и играње на виртуелни игри.

Графичкиот процесор ќе се базира на Mali-G71 чипот, кој ARM го претстави неодамна, но според најавите, Samsung него ќе го изработи во нов процес со големина на транзисторите од 10 nm, што би требало да овозможи уште подобри перформанси од најавените 40% на ARM во однос на овогодинешните графички чипови. Всушност, ова ќе биде еден од првите чипови во светот со транзистори од 10 nm, што би требало да им овозможи на Samsung голема предност пред конкурентите.

2016-09-26-image-7

Овој графички чип ќе биде достапен само во верзиите со Exynos 8895 процесорот на Samsung, кој исто така ќе биде изработен со големина на транзисторите од 10 nm. Според SamMobile, овој процесор, заедно со графичкиот чип, ќе биде помоќен од Snapdragon 830 на Qualcomm, кој најверојатно и натаму ќе користи транзистори од 14 nm.

Помоќниот процесор и дисплејот со повеќе пиксели ќе бидат напојувани и од многу поголема батерија од 4.200 mAh, што е веројатно и очекувано, бидејќи со такви делови телефонот би трошел многу повеќе енергија.

Доколку целосно им веруваме на протечените информации, новата S8-ка ќе има и иновативна камера со дури 30 мегапиксели, додека предната камера би требала да има 9 мегапиксели. Лично, овие информации би ги земал со задршка, бидејќи не гледам потреба од зголемување на бројот на пиксели во задната камера, особено што со 12 мегапиксели, Galaxy S7 веќе има камера која сѐ уште е ненадмината од конкуренцијата.

Најавата за голем скок во перформансите и можностите на Galaxy S8 доаѓа во право време – Samsung последниов месец е мета на негативен прес по проблемите со запалувањето на Galaxy Note 7 и неговиот отповик. Доколку Galaxy S8 навистина ги има перформансите за кои пишувавме погоре, Samsung и тоа како може да се извади од целата каша.

Извор: Android Central, SamMobile, Tech Spot

Претходна статијаApple патентираше хартиена торба (да, добро прочитавте)
Следна статијаMicrosoft и Renault-Nissan заедно ќе работат на платформа за автономни возила