screen_shot_2016-02-22_at_4.48.09_pm

Корејскиот гигант е најголем производител на паметни телефони во светот, но тоа досега беше пред сѐ благодарение на широката понуда на модели, додека во високата класа iPhone беше неприкосновен. Сепак, во март, април и мај годинава, знаменосецот на Samsung го надмина iPhone 6S во продажбата и тоа на пазарот каде популарниот модел на Apple отсекогаш имал најголема група на следбеници.

Поточно, Galaxy S7 и S7 Edge моделите во истите три месеци, држат 16% од пазарот во САД, што е навистина импресивно, наспроти 14,6% проценти за iPhone 6S и 6S Plus. Објаснувањето на експертите е дека моделот на Samsung е понов и дека Apple и натаму има предност кога е во прашање профитот од еден продаден паметен телефон, но според мене, ова е знак дека пазарот на паметни телефони полека се менува.

Падот на продажбата на iPhone би можел да биде уште поголем ако годинава тие претстават модел со ист дизајн (како што и се очекува) и неколку нови карактеристики. Всушност, токму тоа се случи со актуелните модели, кои не донесоа скоро ништо иновативно во однос на претходниците, освен подобра камера, 3D Touch (кој не успеа особено многу) и малку поцврст алуминиум на шасијата.

Samsung инаку води и во вкупната продажба на телефони – тие држат 37% од пазарот, додека Apple држи 29% од пазарот. Наредниве два месеци ќе бидат лансирани новиот Galaxy Note 7 и iPhone 7 и 7 Plus, што би можело да ги промени бројките, но генералната слика е дека Samsung продолжува да расте на сметка на најголемиот конкурент.

Извор: The Verge, DigitalTrends, FastCompany

Претходна статијаNintendo NES се враќа – чини 60 долари и доаѓа со 30 вградени игри
Следна статијаPaper е принтер кој не изгледа како „грдите“ бели машини од канцелариите