Infinity-O е екранот за кој пишувавме дека се очекува да биде користен во Galaxy S10 моделите кои треба да бидат претставени идната година. Овој екран е направен да скоро и нема рамки околу него, а истото го постигнува без вклучување на исечок на горната страна, како што го прават доста од конкурентите. 

За разлика од тоа, Infinity-O има само една мала дупка во која е сместена камерата, додека останатите сензори се ставени во горниот дел од екранот, а некој од нив и под екранот. 

Иако овој екран се очекуваше да се користи во S10-ките, а можеби и ќе се користи, но сепак првиот смартфон од Samsung со Infinity-O беше претставен оваа недела и тоа е телефонот од средната класа Galaxy A8s. 

Овој телефон има голем 6,4 инчен екран со резолуција од 2340 на 1080 пиксели. Сепак, поради немањето, односно многу малите рамки околу екранот, тој има многу „понормални“ димензии и би можеле да го користат и тие кои не сакаат премногу голем телефон. 

Камерата е сместена на горниот лев агол од уредот, во мала дупка со големина од 6,7 милиметри, што ја прави и скори незабележлива, за разлика од исечоците. 

Инаку, камерата е со сензор од 24 мегапиксели, што е нормално за уредите од средната класа, односно кај нив обично предната камера има повеќе мегапиксели. 

На задната страна, покрај сензорот за отпечатоци, се поставени и три камери со 24, 10 и 5 мегапиксели. 

Што се однесува до останатите карактеристики, тие се во правец на класата на уредот. Тој работи на Snapdragon 710 и има избор од 6 и 8 GB RAM меморија, додека таа за податоци изнесува 128 GB. Батеријата на уредот е со капацитет од 3.400 mAh. 

Galaxy A8s е претставен во Кина, каде и ќе се продава, а не е познато дали ќе биде достапен во остатокот од светот. Овој е и пазарот каде е силна конкуренцијата во класата, а Huawei веќе најави уред кој исто така ќе има само дупка за камерата, наместо исечок.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2T3
Претходна статијаТоп 7 текстови/видеа за секој ден од неделата (3)
Следна статијаНовиот на Chromium базиран Microsoft Edge ќе ги поддржува Google Chrome додатоците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.