Galaxy A смартфоните на Samsung се прилично популарни кај помладите купувачи, благодарение на одличниот дизајн и изработка од алуминиум и стакло, солидните дисплеи и перформанси, како и доволно добрите камери. Samsung сега ја освежува линијата со добредојдени подобрувања, кои ќе го задржат статусот на овие смартфони кај помладата популација.

Најважно подобрување се чини е отпорноста на вода и тоа IP68, исто како и кај Galaxy S7. Ова значи дека Galaxy A телефоните ќе бидат отпорни на вода до 1,5 метри длабочина најмногу 30 минути, но ќе бидат отпорни и на прашина и песок, што значи дека ќе можете слободно да ги користите на летните одмори.

Како и досега серијата ќе ја содржат три модели – Galaxy A3, A5 и A7. Најмалиот Galaxy A3 има 4,7 инчен AMOLED дисплеј со HD резолуција, процесор со 8 јадра на 1,6 GHz, 2 GB рам меморија, 16 GB простор со слот за micro SD картичка, задна камера со 13 мегапиксели и предна камера со одлични 8 мегапиксели. Батеријата има само 2.350 mAh, што може да е сериозно ограничување за оние кои не го тргнуваат смартфонот од раката (кхм, тинејџери, кхм).

Поголемите два модели, A5 и A7, имаат 5,2 односно 5,7 инчни AMOLED дисплеи со Full HD резолуција, процесор со осум јадра нa 1,9 GHz и 3 GB рам меморија и 32 GB простор со слот за micro SD картичка. Задната камера кај овие модели ќе има 16 мегапиксели и брз автофокусен систем од Galaxy S7, додека батериите ќе имаат капацитет од 3.000 односно 3.650 mAh.

Сите модели ќе имаат NFC поврзување, што значи дека ќе може да се користат за плаќање на терминали со Samsung Pay, како и брзо полнење преку USB Type-C приклучокот. За жал, тие ќе бидат опремени со Android Marshmallow 6.0.1, што е разочарување за модели претставени во 2017 година, особено од етаблиран производител како Samsung.

Цената на Galaxy A3 и Galaxy A5 ќе биде 329 односно 429 евра, додека за цената на Galaxy A7 ќе бидеме дополнително известени. Првите примероци во Европа треба да пристигнат во Февруари, кога може да ги очекуваме и во понудите на нашите оператори.

Извор: Android Central, Engadget, The Verge

Претходна статија5 начини за прослава на Нова Година – Geek верзија
Следна статијаGoogle и Fiat Chrysler претставуваат автомобил со Android