Asus ROG Phone беше претставен минатиот јуни како првиот смартфон под брендот на „Republic of Gamers“, брендот од Asus под кој претставува производи за „гејмерите“. Овој телефон како таков дојде со сите потребни карактеристики за да може да се каже дека им нуди на корисниците нешто што ќе го издвои од било кој друг телефон од високата класа, во правец на подобро гејминг искуство.

Втората генерација од овој телефон е претставена оваа недела и слободно може да се каже дека Asus ги има подобрено сите компоненти, но не треба да се очекува нешто значително различно од аспект на дизајн, нови додатоци и можности.

ROG Phone II доаѓа со поголем 6,59 инчен AMOLED екран со резолуција од 2.340 на 1.080 пиксели, но она што го направи овој екран посебен е стапката на освежување на сликата од 120Hz и 10 битна HDR поддршка.

Уште поважно за еден телефон којшто треба да се користи за играње на игри, сензорот за допир на екранот има стапка на освежување од 240 Hz, што ова го прави еден од „најбрзите“ Android телефони, нешто кое отсекогаш било „маана“ на уредите во споредба со iPhone.

За очекување, овој телефон во себе ги има моментално најсилните компоненти достапни на пазарот, а тие ги вклучуваат Snapdragon 855 Plus чипсетот којшто доаѓа со 15% зголемени перформанси кај Adreno 640 графичкиот процесор, како и може не толку големи 4% поголеми перформанси кај процесорот.

Asus ROG Phone доаѓа со можност за избор од стандардна Android инсталација или посебна верзија од системот развиена од Asus. Надградени се достапните додатоци за телефонот, како дополнителното ладење, контролер за играње и слично.

Корисниците ќе имаат можност да изберат и прилагодат повеќе опции при користењето на телефонот, а поврзани со играњето, односно степенот на освежување на екранот и слично. Исто така, на телефонот се достапни повеќе од една USB порта, со што се овозможува во исто време да се поврзе додаток и да се полни телефонот, нешто што е важно за ваков уред.

Батеријата на телефонот има одлични 6.000 mAh, што според Asus е доволно за да една игра се игра до 7 часа.

Цената на телефонот уште не е објавена, но од Asus истакнуваат дека ќе биде слична како минатата година, односно околу 900 долари.

ИЗВОРAsus ROG
ИЗВОР 2GSM Arena
Претходна статијаМетанско гориво достапно на бензинската станица на Макпетрол во Гевгелија
Следна статијаDropbox Transfer е нов сервис кој овозможува испраќање до 100GB големи датотеки
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.