Компанијата која е најпозната по своите супериорни видео камери, RED, неодамна најави дека ќе лансира смартфон. Веста беше пречекана особено позитивно кај ентузијастите, бидејки не само што телефонот ќе биде модуларен и од него ќе може да се направи прилично сериозна камера, туку ќе има и холограмски дисплеј, кој буквално ќе прикажува 3D слики дури и ако го гледате отстрана.

Ваква технологија е неколку пати досега прикажана како концепт, но никогаш не е видена кај некој сериски уред. За дисплејот во Hydrogen телефонот инаку ќе се погрижи компанијата Leia, која сега ни откри и како ќе работи овој екран.

Имено, тој воглавно функционира како стандарден LCD дисплеј, со таа разлика што позадинското светло проектира светлина во многу различни агли, за разлика од стандардните екрани, каде позадинската светлина се проектира нормално (под агол од 90 степени) на телефонот.

Технологијата на Leia е прилично напредна бидејќи користи нано-фотонски дизајн со светлинско поле, што значи дека може да проектира светлина прилично прецизно и со тоа да овозможи квалитетно прикажување на 3D содржини, со многу висока резолуција. Покрај тоа, оваа технологија овозможува и LCD екранот да работи како секој друг таков екран на пазарот кога ќе прикажува 2D содржини, што значи дека нема да биде расипана неговата стандардна функционалност.

Сето ова делува навистина импресивно вака напишано, но скоро никој не знае како ќе работи во пракса. Еден од ретките луѓе кои го има видено овој дисплеј е супер популарниот YouTube-ер MKBHD, кој во најавното видео за RED Hydrogen One спомна дека дисплејот делувал импресивно, но дека имал прилично видливи недостатоци, како на пример нерамномерна позадинска светлина. Сепак, тоа е само пред продукциски телефон, што значи дека треба да им се даде шанса на RED да ги исправат овие недостатоци и Hydrogen One да е еден навистина импресивен и футуристички смартфон.

Извор: Engadget, TechCrunch, The Verge

Претходна статијаОфицијално: смартфонот без рамка на Apple ќе се вика iPhone X
Следна статијаXiaomi Mi Mix 2 е најдобриот смартфон за 420 евра