Објавени првите неофицијални „рендери“ од Samsung Galaxy Note 10

Од нив се гледа дека Note 10 ќе нема приклучок за слушалки, сепак ќе има физички копчиња, а предната камера ќе биде поставена во дупка на средината од горниот дел од екранот

После неколкуте неофицијални информации поврзани со Galaxy Note 10 од Samsung, сега ги имаме и првите „рендери“ од уредот. Со оглед на тоа што тие доаѓаат од познатите 91Mobiles и OnLeaks, може да се смета дека информациите врз основа на кои ги имаат направено овие рендери, се точни.

Тоа што може да се види на видеото со рендерите (на почетокот од статијата) е дека Note 10 ќе има повторно одличен екран, кој сега скоро и ќе нема рамки. Стилот којшто се користи кај S10 серијата, на поставување на селфи камерата во дупка од екранот, ќе се користи и кај Note 10, со таа разлика што кај овој модел ќе биде на средината, што можеби е и подобро решение.

Штета доколку ова навистина испадне така, се надевавме дека Note 10 ќе нема дупка, а камерата ќе биде поставена под екранот и нема да се гледа, како што тоа го најавија Xiaomi и Oppo, но сепак изгледа Samsung такво нешто би претставиле дури идната година, а прашање е и овие две компании кога би претставиле комерцијален производ со вакво решение.

Од рендерите се потврдува една претходна информација, а тоа е дека Samsung нема да вклучи приклучок за слушалки со Note 10, со што тоа би било првпат од компанијата да направат вакво нешто кај нивните уреди од највисоката класа. Дел од конкурентите веќе неколку модели не вклучуваат приклучок за слушалки.

Она што не е во рамките на досегашните информации е тргањето на сите физички копчиња. Рендерите покажуваат дека Note 10 сепак ќе има копчиња, меѓутоа тие ќе бидат само на едната страна, односно изгледа ќе биде тргнато Bixby копчето кое сепак не доби популарност кај корисниците.

На задната страна се гледаат три камери, додека веќе е јасно дека сензорот за отпечатоци ќе биде под екранот како што е случајот со S10 серијата.

Samsung се очекува да го претстави Note 10 некаде во август, па останува уште некој месец додека видиме како ќе изгледа уредот, а сигурно како и секогаш, како се ближи датата ќе видиме многу повеќе неофицијални информации.

ИЗВОРAndroid Authority
Претходна статијаКомтрејд Дистрибуција е домаќин на партнерски состанок во Скопје
Следна статијаFirefox стандардно го вклучува блокирањето на „колачиња“ од трети страни
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.