Qualcomm на почетокот на секоја година не запознава со својот нов чип од високата класа наменет за смартфоните и таблетите – овогодинешниот Snapdragon 835 помина многу успешно и е дел од скоро секој Android смартфон од високата класа. Наредната година Qualcomm ќе го претстави наследникот Snapdragon 845, а ние уште сега ги имаме првите информации и спецификации.

Според нив, преголем напредок во перформансите нема да има, односно 845-ката главно ќе има подобрување во однос на намалување на потрошувачката на енергија, благодарение на новиот процес на производство со транзистори со големина од 10 nm (исто како и кај 835), но со Low Power Early технологија.

Главните подобрувања на полето на перформансите ќе бидат поради преминувањето на Kryo јадрата од третата генерација, кои ќе бидат базирани врз ARM Cortex-A75 (четири од нив) и благодарение на новата Adreno 630 графика. Очекувајте во бенчмарковите овој чип да допре до A11 Bionic на Apple, но веројатно и нема да го надмине, особено во мерењата на брзината на само едно јадро.

Онаму каде се секогаш моќни чиповите на Qualcomm е во поддршката на нови технологии. Имено, според сегашните информации, Snapdragon 845 ќе поддржува задна двојна камера со 25 мегапиксели по сензор и уште една двојна предна камера со 25 мегапиксели по сензор. Во превод, чипот ќе поддржува дури четири камери со по 25 мегапиксели, што е во најмала рака импресивно. Исто така, X20 модемот ќе овозможи брзини на интернет сообраќај од вртоглави 1.2 Gbps, а иако не е најавено, очекувам и 4K снимање видео со 60 слики во секунда.

Во почеток, Snapdragon 845 ќе се вградува во Galaxy S9 и S9+ (само за американскиот пазар, кај нас ќе го добиеме со Exynos 9810) како што се случи и оваа година, а набрзо потоа чипот ќе го има и Xiaomi Mi 7. Понатаму, очекувајте скоро секој смартфон од високата класа со Android да го има овој чип, минус веројатно Huawei, кои произведуваат свои чипови и процесори.

Извор: GSMArena, PhoneArena, WCCFTech

Претходна статијаMicrosoft Edge официјално достапен на Android и iOS
Следна статијаWindows 10 сега инсталиран на 600 милиони уреди