На настани во три посебни градови, OnePlus ги претстави нивните нови уреди од OnePlus 7 серијата. Најавите кои дојдоа од директорот на компанијата недели пред претставувањето, сега можеме да видиме што точно значеле, а OnePlus може слободно да се каже дека повторно го има еден од најдобрите телефони на пазарот.

Од компанијата претставија три модели, иако главното внимание е дадено за OnePlus 7 Pro моделот, каде се вградени повеќето од новините кај серијата. Овој модел доаѓа и со 5G варијанта, а претставен беше и „обичен“, односно OnePlus 7 модел.

Главната карактеристика на OnePlus 7 Pro ќе биде неговиот екран, иако и останатите карактеристики дефинитивно привлекуваат внимание.

Тој доаѓа со големина од 6,67 инчи и е наречен Fluid AMOLED. Името доаѓа од мазната слика која ја овозможува овој екран поради степенот на освежување на сликата од 90Hz. Тоа значи дека анимациите, односно сите движења кои ги прикажува екранот нема воопшто да се гледа нивната транзиција низ пикселите, а секако ова го прави телефонот и привлечен за гејмерите.

Резолуцијата на екранот изнесува 3120 на 1440 пиксели, а има и поддршка за HDR10+ содржина, што ќе го направи гледањето на филмови и серии од Netflix одлично искуство.

Екранот исто така се истакнува со тоа што тој нема рамки околу него. Уредот е целиот екран, со минимални рамки на горната и долната страна, а страните се заоблени што значи дека немаат воопшто рамки.

Селфи камерата која е со 16 мегапиксели излегува од самиот уред преку механизам за кој од OnePlus истакнуваат дека е тестиран повеќе од 300.000 пати и дека корисниците не треба да очекуваат негово расипување. Како што би се очекувало, доколку акцелерометарот во телефонот забележи пад, камерата автоматски ќе се „собере“ внатре со што истата нема да се оштети.

OnePlus 7 Pro работи на Snapdragon 855, што е моментално најново и најдобро од Snapdragon. Изборот на RAM меморија и простор за податоци е помеѓу 6/128, 8/256 и 12/256.

Уште една работа што ќе додаде на брзината на работа на телефонот е UFS 3.0 просторот за складирање, а тоа ќе се забележи при стартувањето на апликациите, како и при трансферот на податоци.

Батеријата на OnePlus 7 Pro е со голем капацитет од 4.000 mAh, а истата се полни со од компанијата наречената Warp Charge технологија која овозможува до 50% полнење за само 20 минути.

На задната страна OnePlus за првпат вградува тројна камера. Главната камера е со познатиот од Sony сензор со 48 мегапиксели и можност за сликање во прилично темни услови. Другите две камери доаѓаат со 16 мегапиксели и можност за сликање на ултра широки слики, како и 8 мегапиксели и можност за поголемо зумирање.

Фокусирањето при сликање се прави со помош на ласери, што значи дека истото ќе биде прецизно и брзо.

Телефонот нема приклучок за слушалки, но од OnePlus ги претставија и нивните Bullets Wireless 2 безжични слушалки.

Инаку, самиот уред има стерео звучници направени во соработка со Dolby.

„Обичниот“ OnePlus 7, иако доаѓа со истиот процесор, сепак доаѓа со нешто помал екран без 90Hz освежување, нема тројна камера, односно има 2 од кои што едната е истата од Sony со 48 мегапиксели.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.