Huawei оваа недела претстави нови уреди од својот подбренд Honor. Како и што би се очекувало од овој бренд, уредите имаат одлични карактеристики, такви како што гледаме кај високата класа, а цената, иако не толку ниска, не доаѓа до границите на највисоката класа.

Honor 20 Pro и Honor 20 доаѓаат со 6,26 инчен екран направен сепак во LCD технологија, а не AMOLED и резолуција од FullHD+. Главната карактеристика на екраните кај овие уреди е што имаат дупка на предната страна каде е сместена камерата, а ова е еден од неколкуте стилови кои се користат оваа година за намалување на рамките.

Исто така, сензорот за отпечатоци е поставен од страната на уредот, па и ова е интересно решение кое поретко се користи, но од мое искуство е доста практично, ако веќе сензорот не е сместен под екранот.

Двата телефони работат на Kirin 980 што е процесор од високата класа и може да се очекуваат одлични перформанси. Кога е во прашање меморијата, сепак има разлика помеѓу моделите, па Honor 20 Pro доаѓа со комбинација од 8 GB RAM и 256 GB простор за податоци, а Honor 20 со 6 GB RAM и 128 GB простор за податоци.

Батеријата кај Pro моделот е поголема и има капацитет од 4.000 mAh, што е одлично, додека „послабиот“ модел има нешто помала батерија со капацитет од 3.750 mAh, што исто така е еден од подобрите капацитети во споредба со конкурентите.

Honor 20 Pro доаѓа со 4 камери на задната страна што сликањето во различни услови и со различни ефекти ќе биде главна карактеристика на овој телефон. Главната камера го има сензорот од Sony со 48 мегапиксели, како и можеби досега најдобрата f1,4 бленда со што ќе може да се сликаат ретко добри слики во темни услови.

Другите камери доаѓаат со 16 мегапиксели и можност за широки кадри, 8 мегапиксели и зумирање на сликите, како и интересно 2 мегапиксели камера која е наменета за многу блиски слики, односно сликање на блиску поставени објекти и од 4 сантиметри.

Honor 20 има една камера помалку, односно таа од 8 мегапиксели е заменета со сензор за длабочина, а главната камера со 48 мегапиксели нема f1,4 бленда, туку прилично стандардна, а сепак добра f1,8.

Претходна статијаFirefox 67 доаѓа со големо подобрување на брзината и нови алатки за приватност
Следна статијаWindows 10 May 2019 Update официјално започнува да е достапна за сите корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.