Порталот 9to5Mac повторно ни донесува неофицијални информации од нивните извори кои треба да се запознаени со случувањата во Apple. Минатата недела тие излегоа со информацијата дека новите iPhone телефони кои Apple ќе ги претстави идната недела ќе го носат името XS, а и ни прикажаа слика на која до некаде се гледа и нивниот изглед.
Сега тие тврдат дека имаат информација според која Apple се има решено да го промени начинот на којшто го именува својот најголем модел во серијата, па наместо досегашната ознака Plus, ќе почне да ја користи ознаката Max.
Доколку овие неколку информации се покажат како точни, тоа значи дека идната недела Apple ќе ни ги претстави iPhone XS, наредната генерација од ланскиот iPhone X, како и поголема 6,5 инчна верзија која ќе го носи името iPhone XS Max.
Според информациите Apple треба да претстави и уште еден 6,1 инчен iPhone којшто ќе биде направен со LCD наместо OLED технологија како другите два модели. Овој модел ќе биде поевтин и ќе дојде со поголем избор од бои.
Како да е, 12 септември е за нешто помалку од една недела, односно идната среда, па ќе ги видиме сите работи кои ќе бидат претставени од страна на оваа компанија.