На настан којшто се одржа во текот на вчерашниот ден во Њујорк, OnePlus го претстави вториот уред за оваа година, OnePlus 6T. Тоа што веднаш ќе се забележи во споредба со претходниот модел е значително помалиот исечок на горниот дел од екранот, со што овој уред може веќе да се стави во категоријата на телефони без рамки околу екранот.

Втората работа која овој телефон ќе го направи навистина популарен е и сензорот за отпечатоци сместен под екранот. Сепак, колку и да го фалат од OnePlus овој сензор, наречен Screen Unlock, тој сепак е оптички, што не се смета за доволно безбеден за разлика од ултразвучниот којшто се очекува Samsung да го вгради во нивниот S10.

OnePlus 6T како што би се очекувало, работи на моментално најдоброто од Qualcomm, односно на Snapdragon 845 и има избор од 6 и 8 GB RAM меморија, како и 128 и 256 GB простор за податоци. Уредот зависно од комбинацијата, ќе се продава по цена од 549 до 629 долари.

Големината на екранот изнесува 6,41 инч, а резолуцијата е 2340×1080 пиксели. Батеријата на уредот е со капацитет од 3.700 mAh, што не е во рамките на некои конкуренти, но сепак батерија со одличен капацитет.

На задната страна се наоѓа двојна камера со 16 и 20 мегапиксели, со нов режим за подобро сликање навечер, односно во ослови со послаба светлина.

Најновата верзија од Oxygen OS која е дел од овој уред работи на Android 9, па корисниците ќе го добијат моментално најновото што е достапно.

OnePlus за првпат ќе почне со продажба преку продавници, а не само онлајн, па 6T ќе биде достапен преку T-Mobile во САД, а ќе работи и на мрежата од Verizon.

ИЗВОРOnePlus
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаЕвропскиот суд се грижи за нашите чувства
Следна статијаApple ги претстави новите генерации од iPad Pro, MacBook Air и Mac mini
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.