После огромен број на неофицијални, но и неколку официјални информации, OnePlus конечно го претстави својот најнов смартфон, OnePlus 6. Тој беше претставен вчера на настан во Лондон, а за денес се закажани настани во Кина и Индија. Почетокот на продажбата е најавен за 22 мај, односно вторник идната недела.

OnePlus како компанија можеби не е позната како што се Samsung, Apple, Xiaomi, Huawei, меѓутоа со текот на години го изгради своето име кое се поврзува со одлични уреди, а како и обично за кинеските производители, пониска цена од конкурентите.

OnePlus 6 е можеби досега најамбициозниот уред од компанијата, а соодветно на тоа е и цената која започнува од 520 евра.

Она по што најверојатно ќе биде препознатлив 6-ката е исечокот на горната страна од екранот, што му овозможува да биде скоро само екран. Како што знаете, исечок на екранот како концепт првпат беше претставен со Essential Phone, меѓутоа не стана популарен се до претставувањето на iPhone X.

Екранот на OnePlus 6 е со големина од 6,28 инчи и е изработен во Optic AMOLED технологијата, што уште пред да имаме шанса да го видиме, можеме да претпоставиме дека ќе изгледа одлично. Соодносот на уредот изнесува 19:9, што значи се работи за прилично „висок“ уред кој би требало да може да се користи со една рака.

Резолуцијата на овој екран изнесува 2.280 на 1.080 пиксели, а тоа е доволно за 402 пиксели на инч. Заштитата од оштетување е во одговорност на Gorilla Glass 5, но сепак овој уред нема стандардизирана отпорност на вода.

Работи на моментално најдоброто од Qualcomm, Snapdragon 845, односно на чип со осум процесорски јадра од кои 4 работат на такт од 2,8 GHz, a 4 на 1,7 GHz за заштеда на енергија. Графичкиот процесор на OnePlus 6 е Adreno 630.

Уредот за кого од компанијата го промовираат со реченицата „The Speed You Need“, дефинитивно според карактеристиките може да се очекува дека ќе го исполни тврдењето. Доаѓа во три варијанти на меморија, односно една со 6 GB RAM и 64 GB простор за податоци, како и уште две со 8 GB RAM и 128, односно 256 GB простор за податоци.

Како и сите уреди кои имаат исечок на екранот, така и OnePlus 6 може да се отклучи со скенирање на лицето со предната камера, а од компанијата тврдат дека целиот процес трае 0,4 секунди.

Предната камера има 16 мегапиксели, автоматски HDR режим и можност за снимање во 1080p. Исто така, оваа камера наменета за слефи слики е потпомогната од вештачка интелигенција, нешто што станува се почесто кај телефоните од високата класа.

На задната страна, покрај сензорот за отпечатоци од прстите, сместена е и двојна камера со 20 и 16 мегапиксели, како и оптичка стабилизација на сликата. Уредот се истакнува по можноста за снимање на 4K видеа со 60fps, нешто што е ретко и кај скапата конкуренција.

OnePlus 6 работи на најновата верзија од Android, 8.1 Oreo, а е напојуван од батерија со капацитет од 3.330 mAh.

ИЗВОРGSMArena
ИЗВОР 2OnePlus
Претходна статијаVipi – Првиот робот во Vip наменет за автоматизација на процесите
Следна статијаMicrosoft планира да претстави помали Surface таблет компјутери со пониска цена?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.