OnePlus, компанијата која стои зад одличните смартфони од високата класа со многу пониски цени од оние на конкуренцијата, неодамна го лансираше својот нов модел 5T, кој донесува неколку важни подобрувања во однос на својот претходник лансиран пред неколку месеци, од кои најмногу се истакнува издолжениот 18:9 дисплеј со помала рамка.

Како и секој модел на OnePlus досега, останатите спецификации се супер моќни – процесорот е Snapdragon 835 помогнат од 6 или 8 GB рам, односно 64 или 128 GB простор зависно од изведбата. Ова се дефинитивно бројки на кои може да позавиди и етаблираната конкуренција, а OnePlus ги нуди по цена од 499 и 559 долари.

Ова сепак беа спецификации кои го красеа и претходникот, односно не се ништо ново за оние кои се упатени во телефоните на овој производител. Напротив, тука главен новитет е дисплејот, кој има 18:9 сооднос, резолуција од 2160х1080 пиксели и е AMOLED панел, што значи дека има длабоки бои и висок контраст. Рамката околу дисплејот сега е многу помала и изгледа како кај телефон од 2017 година (за разлика од претходникот), но целосниот дизајн е скоро ист, со таа разлика што читачот за отпечатоци е сместен назад.

Од оние подобрувања кои не се гледаат, OnePlus 5T сега има нова двојна камера назад. Сега, главната камера има 16 мегапиксели и f/1.7 бленда, додека втората камера има подеднакво поле на гледање (нема зум) и има сензор со 20 мегапиксели и f/1.7 бленда. Интересно, од OnePlus велат дека втората камера е за ноќни слики, благодарение на технологијата за спојување на пикселите и чистење на шумот. Предната камера пак има 16 мегапиксели, што е повторно податок кој сигурно ќе им се допадне на купувачите.

OnePlus 5T е опремен со просечна батерија од 3.300 mAh, но ако можеме да се водиме според досегашните тестирања, благодарение на извонредните оптимизирања во Oxygen OS (овој пат базиран на Android 7.1.1), смартфоните на OnePlus се едни од најтрајните на пазарот и нема причина зошто и 5T не би бил еден од нив. Исто така, Dash Charge полнењето ќе ја наполни батеријата за околу еден час, што е навистина импресивно.

Благодарение на сите овие подобрувања, 5T е убедливо најпродаваниот смартфон на компанијата досега. Имено, според твит на OnePlus, тие уште во првите шест часа го надминале претходниот рекорд за продажба во првите 24 часа, што според „проста математика“ е четири пати подобар резултат во однос на претходникот OnePlus 5.

Извор: Android Authority, TechRadar, The Verge

Претходна статијаВеб страните следат многу повеќе информации за посетителите од што мислиме
Следна статијаИзградбата на Apple Park е при крај – снимки од дрон од ноември 2017