Galaxy-S7-Edge-768x778 copy

Како што веќе најавивме, Samsung ги претстави новите Galaxy S7 и S7 Edge уреди, кои иако на прв поглед изгледаат слично на своите претходници, донесуваат многу големи и барани промени во внатрешноста, како и водоотпорност, што значи дека ќе бидат и поиздржливи.

Промените однадвор ќе ги забележи само истренираното око, но и покрај тоа што се минимални, може да се покажат како многу значителни. Така, задниот дел и кај двата модели сега е заоблен, како кај Note 5, што треба да го направи држењето на смартфонот многу поудобно отколку претходно, додека камерата назад и хардверското копче напред веќе не излегуваат толку многу од телото.

Untitled-3

И секако не помалку важно, новите модели сега се отпорни на вода и тоа со IP68 рејтинг, што значи дека слободно може и да ги „избањате“ со Вас на летниот одмор. Очекувајте селфијата под вода да станат многу популарни ова лето – сепак се работи за вториот најпопуларен телефон на планетата.

Покрај тоа што нема “Plus” во името на S7 Edge, тој ќе има поголем дисплеј во однос на обичната S7-ка – 5,5 во однос на 5,1 инч, иако ќе биде малку потенок (7,7 во однос на 7,9 mm). Сепак, резолуцијата и кај двата модели е иста – 2560х1440 пиксели, додека дисплеите ќе бидат Super AMOLED, но со неколку ситни подобрувања кои треба да ги задржат на пиедесталот за најдобри мобилни екрани. И двата дисплеи ќе можат да бидат константно пуштени без да трошат многу енергија и да прикажуваат информации како часовникот, датата, времето и нотификациите со новата Always-on функција.

samsung-galaxy-s7-hands-on-sean-okane11_2040.0

Edge моделот секако има закривен дисплеј на страните. Тука нема некои поголеми новитети – краевите од дисплејот може да се прикажат за брзо лансирање на апликации или контакти, со таа разлика што сега иконите се поголеми, а може да прикажуваат и дополнителни информации, како вести и слично.

Во внатрешноста ќе се вградуваат два различни процесори, зависно од тоа каде ќе се продава телефонот. Во Северна Америка ќе се нуди верзијата со Snapdragon 820 чипот со четири јадра, додека во другите делови од светот, каде спаѓаме и ние, ќе се нуди верзијата со најновиот чип на Samsung, Exynos Octa 8890. Разликите во перформанси сепак би требало да се многу блиски – не би требало да се пожалите од ниту еден од чиповите. И двете верзии ќе имаат Vulkan API за графичките, па би требало игрите да изгледаат подобро и да се движат помазно, без многу паднати фрејмови.

6F9A0703

Од останатите спецификации, процесорите се помогнати од 4 GB рам меморија и 32 или 64 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка – нешто што го бараа корисниците.

Исто така, сигурно по барање на корисниците на S6, зголемени се и капацитетите на батериите и тоа поприлично – кај S7 таа има капацитет од 3.000 mAh, додека кај S7 Edge има 3.600 mAh. Ова би требало да овозможи користење на новите Galaxy S уреди преку цел ден – актуелните модели се „популарни“ по краткото траење на батеријата со едно полнење. Сепак, полнењето и натаму ќе се одвива преку micro USB порта, а не преку новата USB Type-C порта (и натаму е достапно брзо и безжично полнење)

Целосно нова е и камерата, која сега има 12 мегапиксели – помалку во однос на S6-ката. Сепак, од Samsung велат дека го направиле ова за вистински да се зголеми квалитетот на фотографијата, што е навистина добар знак – мегапикселите ама не значат апсолутно ништо.

6F9A0694

Имено, пикселите на самиот сензор сега се многу поголеми, а пред него е вградена и леќа со супер брза f1.7 бленда, комбинација која би требала без проблем да го задржи знаменосецот на Samsung на врвот во класата кога е во прашање квалитетот на фотографијата, а особено да го воздигне при сликањето навечер – сензорот сега прима 95% повеќе светлина.

Благодарение на Dual Pixel технологијата која ги користи пикселите како сензори за фокусирање, камерата може да фокусира многу побрзо отколку таа на S6, што е многу корисно за субјекти кои се движат, но и за снимање на остро 4K видео.

imgp6291_dxo

Galaxy S7 и S7 Edge ќе доаѓаат со вграден Android Marshmallow и TouchWiz скинот на Samsung, а ќе бидат достапни во три бои – златна, сребрена и црна. Телефоните ќе почне да се продаваат од 11-ти март, со цени кои кај нас би требало да бидат подеднакви на оние со кои беше лансирана S6-ката (569 фунти за S7, 639 фунти за S7 Edge во Велика Британија), што значи дека ќе бидат високи. Сепак, сите подобрувања кои ги направи Samsung и дизајнот кој и натаму е супер привлечен, сигурно се и повеќе од доволни за S7 и S7 Edge да го задржи статусот на бестселер.

Извор: GSMArena, The Verge, Engadget

Претходна статијаМодуларниот G5 е најреволуционерен смартфон од LG досега
Следна статијаHP Elite x3 е најмоќниот Windows 10 телефон кој ќе може да се користи и како лаптоп со Continuum