HMD Global е компанијата која е „задолжена“ за продолжување на животот на одличните Nokia телефони. Тие оваа недела го претставија Nokia X5, кој за почеток ќе биде достапен на кинескиот пазар, а најверојатно подоцна ќе стане достапен и во целиот свет, но под друго име.
X5 е телефон од средната класа, а тоа може да се види и од неговите карактеристики. Доаѓа со 5,9 инчен екран со само HD+ резолуција, односно резолуција со 1520×720 пиксели, што значи дека на овој уред сигурно ќе може да се забележат пикселите при читање, а исто така, не е наменет за некое посебно искуство при гледање на видео содржина.
Форматот на уредот е во сега веќе стандардниот издолжен, а кај X5 е и нешто повеќе издолжен, со сооднос од 19:9.
Главната карактеристика која веднаш ќе се забележи кај овој уред е исечокот на горниот дел од екранот, нешто што стана тренд по iPhone X. Долниот дел од екранот има не толку мала рамка, па исечокот на горниот дел е тука изгледа само за да биде направен во стил којшто потсетува на iPhone X, а сепак тоа е голема предност за кинескиот пазар.
Процесорот на X5 е од MediaTek, моделот е Helio P60, а достапен е и избор од 3 и 4 GB RAM меморија, како и 32 и 64 GB простор за податоци. Батеријата на уредот е со капацитет од 3.060 mAh, што е доволно со оглед на процесорот и резолуцијата на екранот.
На задниот дел од телефонот е поставена двојна камера со 13 + 5 мегапиксели, а под неа е поставен и сензор за отпечатоци. Селфи камерата, односно предната камера е со сензор од 8 мегапиксели.
Цената по која што ќе се продава овој уред во Кина изнесува околу 150 долари, што е соодветно со карактеристиките и класата.