Фанови на Nokia, еве една одлична вест – трите телефони кои финскиот бренд ги лансираше минативе неколку месеци во Кина, од наредниот месец ќе бидат достапни и на сите други светски пазари, со надеж и оптимизам дека ќе бидат достапни и кај нас.

Секако, за многумина ова не се телефони кои ја будат имагинацијата – Nokia 3, 5 и 6 се смартфони од ниската и средната класа, кои се наменети за оние со поплиток џеб.

Сепак, уште веднаш ќе ви порачам да не се сомневате во нивните квалитети – според хард кор тестирањата на квалитетот и изработката на YouTube каналот на JerryRigEverything, Nokia 6 е најдобро изработениот смартфон на пазарот, кој е скоро невозможно да го уништите.

Според тоа, ова ќе бидат одлични телефони за оние кои сакаат да имаат парче техника во кое се сигурни дека ќе издржи повеќе од понежните конкуренти.

Згора на тоа, самиот дизајн на трите смартфони не е воопшто за потценување, а и цената е прилично ниска – Nokia 6 на пример ќе чини 229 евра, а ќе има 5,5 инчен Full HD дисплеј, Snapdragon 435 процесор со 4 GB рам и камера од 16 мегапиксели. Nokia 5 пак ќе чини 189 евра, додека Nokia 3 ќе чини само 140 евра.

Голема предност на овие телефони е што доаѓаат со прилично чиста верзија на Android и за разлика од скоро секој друг телефон од таа класа, би требало да добиваат надградби и на понови верзии на оперативниот систем – конкурентите добиваат само безбедносни надградби. Дали сето тоа ќе биде доволно за успех на пазарот не може со сигурност да се каже, но факт е дека HMD Global, компанијата која стои зад проиводство на овие уреди, се труди да ги задоволи барањата на вистинските фанови на брендот.

Извор: CNET, TechnoBuffalo, News 18

Претходна статијаНовата платформа Expert TV нуди експертско знаење спакувано во кратки видеа
Следна статијаПротечени фотографии од откажаниот Microsoft Lumia 960