HMD Global го претстави наредниот уред од брендот под нивна сопственост, Nokia. Овој пат, уредот е од најниската класа, а соодветно на тоа тој ќе се продава по ниска цена од само 99 евра и тоа е без договор со оператор.

Nokia 2.2 е телефон со 5,7 инчен екран со HD+ резолуција, а веќе не може да се очекува под оваа резолуција дури и кај оваа класа. На горната страна е поставен исечок за предната камера во форма на „солза“, како што го нарекуваат на странските портали од англиско говорно подрачје.

Ова му остава нешто поскап впечаток на телефонот којшто сепак се обидува и со останатите карактеристики да остави впечаток подобар од тој што би очекувале кога ќе ја видите цената.

Камерата која е поставена во исечокот на предната страна е со 5 мегапиксели, додека на задната страна е поставена уште една камера со 13 мегапиксели и f2.2, што значи дека не е најдобрата камера кога се во прашање сликите во темни услови.

Сепак, од HMD Global истакнуваат дека телефонот доаѓа со вештачка интелигенција која секогаш ги прави сликите многу подобри, паметно одредувајќи ја сцената во која се слика, објектот, како и осветлувањето. Тоа значи дека овој телефон би требало да извади далеку од лоши слики, па со оглед на цената, мислам дека корисниците нема да се жалат.

Процесорот којшто е вклучен во Nokia 2.2 е од MediaTek, односно Helio A22, а корисниците ќе можат да изберат помеѓу 2 и 3 GB RAM меморија, како и помеѓу 16 и 32 GB простор за податоци.

Друга работа која го привлекува вниманието на овој уред, во позитивна смисла, е што тој е направен под програмата Android One. Тоа значи дека корисниците добиваат прилично чисто Android искуство, без многу додатоци од тоа што Google го имаат замислено.

Уште поважно, Android One уредите добиваат надградби на понова Android верзија во наредните 2 години од претставувањето, а безбедносни надградби уште 3 години од претставувањето. Тоа значи дека Nokia 2.2 кој доаѓа со Android 9.0 Pie, ќе добие надградба на Android Q, кога оваа верзија ќе биде официјално пуштена до крајот на годината, односно оваа есен.

ИЗВОРHMD Global
ИЗВОР 2TNW
Претходна статијаAmazon претстави нов дрон наменет за доставување на пратки
Следна статијаFacebook веќе нема да му дозволува на Huawei да ги пред-инсталира нивните апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.