Не е тајна дека голем број на производители на компоненти за смартфони веќе работат на напредни технологии за препознавање на отпечатоци на прстите, кои ќе може да се вградат под дисплејот, односно воопшто да не се забележуваат на паметните телефони. Оваа импресивна технологија најверојатно ќе ја видиме уште наредната година, благодарение на познатата компанија Synaptics, која почна со производство на вакви скенери.

Нивниот Clear ID читач за отпечатоци може да се вгради под дисплејот на смартфоните и да го прочита отпечатокот и според нив, тој целосно функционира. Тие не само што почнаа да го произведуваат, туку најавија и дека еден од петте најголеми производители на смартфони во светот (Samsung, Huawei, Apple, Oppo/Vivo, Xiaomi) ќе вгради ваков читач во еден од нивните модели. Да, 2018 ќе биде годината кога ќе ги отклучуваме телефоните со нашиот отпечаток, само со допирање на дел од дисплејот.

Иако Synaptics не спомнува кој производител ќе ја вгради оваа технологија, моја претпоставка е дека тоа ќе бидат Xiaomi (Oppo/Vivo работат на ваква технологија, но со Qualcomm), бидејќи тие се секогаш најхрабри во донесувањето на нови технологии на пазарот. Samsung исто така паѓа на ум, но сите информации за Galaxy S9 и S9+ водат кон тоа дека тој ќе има скенер за отпечатоци во задниот дел, па веројатно честа на оваа технологија ќе ја има Galaxy Note 9.

На крај, останува отворено прашањето дали оваа технологија ќе функционира со точност и брзина како актуелните скенери за отпечатоци на прстите – според досегашните тестирања, читачот за отпечатоци вграден под дисплејот и не е толку брз и прецизен како класичниот.

Извор: Mashable, Engadget, The Verge

Претходна статијаVesa сертифицира нов DisplayHDR стандард, кој ќе прави разлика меѓу квалитетот на панелот на ТВ уредот
Следна статијаOnePlus 5T е телефонот со најбрзо полнење, според тестирања на Tom’s Guide