Иако не беа првите, Samsung и Huawei ги претставија, конечно, своите уреди со екран кој се превиткува. Овие уреди се замислени да се користат како еден вид на хибрид помеѓу смартфон и таблет компјутер, а двете компании имаат сличен, меѓутоа нешто поразличен пристап кон концептот.

Сепак, Motorola, компанија која сега е во сопственост на кинеската Lenovo, има уште поразличен концепт, барем ако се земат во предвид патентите поднесени од компанијата. Според овие патенти, Motorola го замислува својот уред на превиткување со еден екран којшто се превиткува, да речеме така, хоризонтално, односно со спојување на горната и долната страна.

Со тоа кога уредот е отворен се добива формат на класичен смартфон со поголем екран, за разлика од таблет компјутер во случајот со Samsung и Huawei, смартфон којшто може да се превитка и да биде многу помал за ставање во џебот.

Од сликите коишто можеше да се видат во патентот, смартфонот од Motorola наликува на нивниот познат и може да се каже легендарен, Motorola RAZR.

Потврда дека од компанијата работат на некаков уред на превиткување доаѓа од Потпретседателот на Motorola за Глобална продажба на производите, Ден Дери. Тој во интервју за Engadget потврдува дека работат на ваков уред, меѓутоа не дава повеќе информации за тоа каков ќе биде тој и кога може да се очекува.

Сепак, со оглед на неговиот коментар дека тие не планираат да „доцнат“ на пазарот, може да се очекува дека ќе го видиме уредот од Motorola до ова лето.

Со ова, бројот на компании кои работат, односно ќе претстават уред со еластичен екран кој се превиткува, е доволно голем за да може да се заклучи дека ова е иднината на мобилните уреди. Тие ќе бидат доволно мали кога се пренесуваат и се користат како телефон, но ќе може да се отворат и да се искористи доста поголемиот екран за гледање на видео содржина и слични активности.