Motorola оваа недела го претстави вториот Android One уред наречен Motorola One Vision, од нивната Motorola One серија. Главната карактеристика на оваа серија е чистото Android искуство кое е загарантирано дека ќе добива надградби во наредните три години од почетокот на продажбата на уредот.
Motorola One Vision е исто така уред од средната класа кој го менува стилот од неговиот претходник. Наместо исечок на горната страна од екранот, One Vision има дупка во која е поставена камерата, решение кое стана популаризирано од страна на Samsung.
Со ова, а и со многу малите, скоро непостоечки рамки околу целиот екран, се добива уред кој е „целиот екран“ на предната страна. Исто така, 6,3 инчниот LCD екран нема да придонесе кон големи димензии на целиот уред.
Резолуцијата на екранот е Full HD, односно 2520 на 1080 пиксели, а сето ова е сместено во прилично висок уред со 21:9 сооднос.
Во „дупката“ за камерата е сместена камера со 25 мегапиксели кои се прилагодуваат соодветно на осветлувањето при сликање. Сличен е случајот со главната камера која има 48 мегапиксели, но се користат во група од 4, со што се добиваат 12 мегапиксели кои даваат многу почисти слики, а посебно во темни услови.
На задната страна има уште една камера која е наменета за проценка на оддалеченоста на објектите со што се добиваат одредени ефекти на сликите, како и уште неколку додатни функции.
Камерите се исто така потпомогнати, за последно време стандардно, од вештачката интелигенција, со што се добива можност за автоматска проценка на сцената и објектите кои се сликаат, како и условите.
Интересно, Motorola One Vision не работи на процесор од Snapdragon, па како ретко кој од уредите на пазарот, работи на процесор од Samsung. Соодветно на класата на уредот, процесорот е исто така од средната класа, односно One Vision работи на Exynos 9609, што е осум јадрен процесор изработен во 10nm технологија.
Меморијата на телефонот изнесува 4 GB RAM, како и 128 GB простор за податоци, а може да се додаде и картичка.
Батеријата е со капацитет од 3.500 mAh, што кога ќе се земат во предвид карактеристиките од средната класа, може да се очекува истата да издржи барем еден ден.