Lenovo, сопственикот на Motorola, кога го купи брендот се одлучи да не го прекине развојот на Moto смартфоните, туку дури и да го поддржи. Ова беше одлична одлука – сега сме сведоци на модуларни смартфони од Motorola, како и на одлични телефони од средната класа.

Добар пример за ова е новиот Moto X4, кој има карактеристичен дизајн со интересен прстен околу камерата и солидни спецификации.

Дисплејот однапред има големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција, што е веќе стандард во оваа класа. Процесорот е новиот Snapdragon 630, кој сигурно нема да има проблем со секојдневните активности на смартфонот, а помогнат е од 3 или 4 GB рам меморија, односно 32 или 64 GB простор зависно од моделот. Батеријата има солидни 3.000 mAh и поддржува брзо полнење.

Еден од адутите на Moto X4 е двојната камера, која е комбинација на сензор со 12 мегапиксели зад стандардна леќа и сензор со 8 мегапиксели зад супер широка леќа. Напред пак е вградена камера со 16 мегапиксели, која е помогната од блиц и е специјално развиена за подобри ноќни фотографии.

Покрај камерата, кај Moto X4 е особено допадлив дизајнот, благодарение на употребата на стакло и алуминиум во изработката.

Како и кај секој Moto телефон и тука софтверот е скоро чист Android Nougat 7.1, со неколку дополнителни можности, како поддршка за Amazon Alexa дигиталниот асистент и Bluetooth 5.0 со можност за поврзување со четири надворешни звучници (или слушалки) одеднаш.

Moto X4 сепак нема поддршка за модуларните Moto Mods, но затоа има прилично ниска цена од 400 евра, која кога ќе се собере се и не е толку висока.

Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, The Verge

Претходна статијаAcer Predator Orion 9000 е супер моќен гејмерски компјутер со тркалца за полесно пренесување
Следна статијаSanDisk претстави micro SDXC картичка со капацитет од 400 GB