Surface Pro серијата на Microsoft буквално ја дефинираше класата на хибридни уреди, кои се микс на таблетите и лаптопите. Сега овој уред ја доживеа својата веќе 5-та генерација, која за прв пат ќе нема бројка во името (исто како iPad) и е своевидна еволуција на супер успешната Surface Pro 4-ка.

Сепак, иако навидум невидливи, промените го прават новиот Surface Pro повторно бенчмаркот во класата, против кој ќе треба да се борат сите други вакви модели.

Како што веќе најавив, надворешниот дизајн не најавува огромни промени. Но, да бидеме реални, скоро ниту еден конкурент не претставува нови дизајни секоја година (кхм, iPad, кхм), а тука реално тие и најмалку беа потребни.

Оние со истренирано око ќе забележат дека аглите на уредот се малку позаоблени и отворот за вентилација е помал, но во глобала се работи за уред кој неодоливо наликува на својот претходник.

Промени нема ниту во големината на дисплејот, кој има 12,3 инчи во дијагонала и одлична резолуција од 2736х1824 пиксели. Исто така, држачот позади сега може да се отвори 168 степени, што овозможува одлична поставеност на таблетот за цртање, исто како Surface Studio.

Главните промени се во внатрешноста. Како што веќе знаевме од претходно, Surface Pro има чипови од најновата Kaby Lake генерација на Intel и тоа Core m3 7Y30, Core i5-7300U и Core i7-7660U. Првите два чипови во понудата се без активен кулер, односно ќе има супер тивко пасивно ладење, но Microsoft ветува дека и најмоќниот модел ќе биде скоро бесшумен.

Исто така, Core i7 моделот ќе има помоќна Iris 640 графика, додека останатите два процесори имаат Intel HD 620 графика. Во понудата влегуваат 4, 8 или 16 GB рам меморија и супер брзи SSD дискови од 128, 256 или 512 GB рам меморија.

Сите овие компоненти и специјалните оптимизации на Microsoft во Windows 10 Creators Update, донесуваат до веројатно носечкиот адут на новиот Surface Pro таблет/лаптоп – траењето на батеријата од 13,5 часови. Ова е бројка која не само што е подобра од поголемиот број на лаптопи, кои имаат поголеми батерии, туку е поголема и од голем број на таблети со ARM процесори. Microsoft ветува и дека батеријата скоро и да нема да губи полнење кога ќе биде во Sleep, нешто со кое не може да се пофали Surface Pro 4 моделот.

Покрај одличното траење на батеријата, новиот модел ќе може да функционира и со новите Surface Pen дигитални пенкалца, кои препознаваат неверојатни 4.096 нивоа на притисок и можат да се користат и за „сенчање“ само со закосување на пенкалцето, исто како што би направиле со молив на хартија.

Панос Панај е особено горд на новото пенкалце и вели дека пишувањето со него не се разликува од тоа со вистинско пенкало на хартија. Нови се и дополнителните тастатури, кои ќе доаѓаат во пет бои (истите од Surface Laptop) и ќе бидат обложени со квалитетна алкантара.

Surface Pro е и еден од ретките Windows 10 уреди со квалитетни камери – задната има 8 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели и Windows Hello автентификација за брзо отклучување на таблетот кога корисникот ќе седне пред него.

Сепак, иако многумина очекуваа, овој модел нема USB Type-C приклучок, што може да се покаже како лош избор на подолг рок. Наместо него, на таблетот има USB 3.0 приклучок, Mini Display Port, излез за слушалки, Surface Connect порта и читач за SDXC картички (што пак е супер одлука).

Цената на новиот Surface Pro на Microsoft почнува од пониски 799 долари во однос на актуелниот модел, но со него веќе не доаѓа пенкалцето во пакувањето, кое чини дополнителни 99 долари, а треба да се доплатат и 159 долари за дополнителната тастатура. За прв пат има и модел со 4G мрежа и можност за вградување на SIM картичка, што значи дека со него ќе може да имате интернет секаде и секогаш. Сепак, дури и со оваа цена, се чини дека во моментов Surface Pro е уред кој е непобедлив во својата класа и кој скоро сигурно повторно ќе биде бестселер, веројатно и со подобри резултати од тие на својот претходник.

Извор: The Verge, Windows Central, The Next Web

Претходна статијаЗаврши десеттиот Лидер Проект: Најдобрата бизнис обука во Македонија која не се купува со пари
Следна статијаХолограмски очила се одговорот на Microsoft на смартфоните?