Намалување на рамката околу дисплејот е главниот тренд кај скоро сите производители на смартфони годинава, но има такви кои имаат други идеи, како на пример HTC со U11, кој има стислива рамка или Meizu со своите знаменосци Pro 7 и Pro 7 Plus , кои се веројатно првите смартфони на светот со втор дисплеј во задниот дел.

Дисплејот е AMOLED, што значи дека нема да троши многу енергија, особено кога ќе прикажува информации на црна позадина, како на пример времето. Всушност, главната цел на овој дисплеј е цело време да прикажува информации, односно корисникот да може да ги гледа нотификациите, без да треба да го вклучи смартфонот. Воедно, овој дисплеј може да се користи и за подобри селфи фотографии со задната камера.

Кога сме кај камерата, таа е двојна, како и кај поголемиот дел на смартфони од високата класа оваа година. Комбинацијата е иста како кај Huawei P10 – едниот сензор има 12 мегапиксели во боја, додека вториот е црно бел. Идејата е фотографиите да имаат подобар контраст и помалку шум, а црно-белиот сензор може да се искористи за подобри црно-бели фотографии, како и за намалување на длабочината на полето на сликата, односно замачкување на позадината.

Двата знаменосци на Meizu нормално имаат разлика во големината на екраните – помалиот има 5,2 инчен со Full HD резолуција, додека поголемиот Plus модел има 5,7 инчен дисплеј со Quad HD резолцуија. Поголемиот модел има и помоќен процесор – MediaTek Helio P30 во однос на P25, повеќе рам – 6 GB во однос на 4 GB рам меморија и повеќе простор – 128 GB во однос на 64 GB. Батеријата е нормално поголема кај поголемиот модел – 3.500 mAh во однос на 3.000 mAh.

Останатите спецификации се исти, како Cirrus Logic CS43130 Hi-Fi аудио чип за поквалитетен аудио излез на слушалки и одлична предна камера (барем на хартија) од 16 мегапиксели. И двата модели се опремени и со Flyme OS скинот на Meizu, ставен врз Android 7.0. Цените на Meizu Pro 7 и Pro 7 Plus, со оглед на перформансите кои ги нудат и не се толку високи – помалиот модел е 530 долари, додека поголемиот модел е 600 долари.

Извор: The Next Web, PhoneDog, Engadget

Претходна статијаНовиот Nissan Leaf ќе може да се вози само со една педала
Следна статијаSamsung го надмина Intel како најголем производител на чипови