Screenshot_1

Уште еден телефон од Кина со одлични карактеристики и ниска цена. MX6 е новиот натпреварувач на Meizu во средно – високата класа, со луксузен „ала“ iPhone дизајн, 5,5 инчен дисплеј, моќни компоненти и одлична камера, за цена од само 299 долари.

Интересно, дизајнот однадвор многу личи на она што досега го знаеме за iPhone 7 – линиите за антените ги следат контурите на горниот и долниот дел од телефонот, додека предното стакло е Gorilla Glass со 2.5D ефект на страните, што прави телефонот да изгледа многу чисто и елегантно. Дисплејот инаку има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, што алудира дека MX6 е насочен токму кон оние купувачи кои размислуваат за iPhone 6S Plus или пак аспирираат кон тој модел.

Screenshot_2

Единствената разлика во задниот дел во споредба со iPhone е што камерата е поставена централно. Кога сме веќе кај неа, се работи за новиот IMX386 сензор на Sony со 12 мегапиксели и леќа со f2.0 бленда, комбинација која според Meizu испорачува резултати споредливи со оние на Galaxy S7. Доколку е навистина така, тоа би било одлично постигнување за телефон кој чини повеќе од двојно помалку. Предната камера пак има 5 мегапиксели, што е веќе минимумот за оние со сериозни селфи претензии.

Во внатрешноста чука срцето на MediaTek Helio X20 чипот со 10 јадра, од кои две моќни Cortex A72 на 2,3 GHz, четири Cortex A53 на 2,0 GHz и четири Cortex A53 на 1,4 GHz. Иако има 10 јадра, овој чип не е на нивото на најмоќните во светот, како на пример Snapdragon 820, но од друга страна и не заостанува многу. Тука е помогнат од солидни 4 GB рам меморија и 32 GB простор за податоци, додека батеријата има капацитет од 3.060 mAh, што би требало да е доволно за цел ден користење со едно полнење.

3.0

Цената на Meizu MX6 во Кина ќе изнесува 299 долари, што е навистина поволно за телефон со овие перформанси. За 15 долари Meizu нуди и футрола со кружен отвор во предниот дел, кој може да прикажува најразлични информации, слично како кај многу други телефони од високата класа.

MX6 инаку доаѓа со вграден Android Marshmallow 6.0 со Flyme OS скин од Meizu.

Подоцна е планирано лансирање и на Ubuntu верзија, која ќе може да се користи и како Ubuntu компјутер со поврзување на поголем дисплеј.

gsmarena_014

Извор: GSMArena, The Verge, OMG! Ubuntu

Претходна статијаКако да ги направите датотеките на вашиот десктоп приватни или пак достапни за сите корисници?
Следна статијаКим Дотком најавува враќање на познатиот Megaupload за идната година