meizu-620x330

Телефон кој има огромен екран со поголема резолуција од Nexus 5 и iPhone, подобри перформанси од Nexus 6 и подобар звук и камера од повеќето останати телефони, има скенер за отклучување со прст, има пристојна цена и доаѓа од Кина. Неверојатно, нели? Всушност не, туку многу веројатно.

Кинеската компанија Меизу само што го претстави својот најнов производ, паметниот телефон MX4 Pro. Тој ќе има 5,5 инчен екран со резолуција од 2.560 х 1.536 пиксели, односно, 546 пискели по инч што е далеку повеќе од Ретина екранот кој има 401 ппи кај iPhone 6+ и 326 ппи кај iPhone 4, 5 и 6. Во себе ќе има процесор со осум (!) јадра Exynos 5430, Mali T628 MP6 графички процесор, 3 гигабајти RAM меморија, 20,7 мегапикселна (!) камера од Сони (Sony IMX220 Exmor RS) и 5 мегапикселна предна камера, радио за 4G мрежа, 3.350 mAh батерија и ќе работи на Андроид 4,4 – Кит Кет. Ќе има неколку опции за внатрешната меморија, 16 ГБ, 32ГБ и 64ГБ. Тој ќе има и напреден аудио процесор (наречен, симптоматично, “Retina Sound”) кој треба да овозможи одличен звук, што не е чудно бидејќи доаѓа од компанија која има долга историја на создавање преносни медиа плеери.

Веројатно ќе помислите дека на ваква конфигурација ќе треба да ги „донирате“ некои од своите внатрешни органи за да го купите овој телефон но од Меизу имаат спремено уште едно изненадување – 16 ГБ верзијата ќе чини само 408 долари (320 евра).

Дали ваквата конфигурација и цена се реални или не? Од Меизу веруваат дека се и во таа смисла се тргнати кон агресивно освојување на пазарот на преносни уреди и телефони. Во последно време неколку кинески компании кои нудат споредлив квалитет на своите уреди почнаа да се пробиваат на светскиот пазар, имено Шаоми, Хуавеи, а сега и Меизу. Тие воведуваат опасна конкурентност на пазарот на уреди каде што ги присилуваат „старите“ играчи како Самсунг, Епл и ХТЦ да ја намалуваат цената на своите производи за доброто на сите потрошувачи.

MX4Pro ќе биде достапен наскоро прво во Кина па потоа во целиот свет. Дали сме на повидок на револуција во цените на преносната електроника?

Извор: ZDNet

Претходна статијаCortana има повеќе можности од само поголемата Siri, според новата реклама од Microsoft
Следна статијаБензин произведен од вода – решение за намалување на цената на бензините?