Можеби овој кинески производител ја нема продажбата и популарноста на Huawei и Xiaomi, меѓутоа сепак добро стои на пазарот на смартфони. Како и другите кинески производители и Meizu може да се пофали со одлични уреди, а пониска цена од најпознатите конкуренти.
Meizu M6s е најновиот уред од средната класа и кој ќе се продава по цена од 126 и 152 евра, зависно од капацитетот за складирање на податоци. Досега не сме виделе овој производител да е присутен во нашата земја, па заинтересираните купувачи ќе мора да го најдат на друг начин, а доколку сме грешка, слободно исправете не во коментарите.
M6s е смартфон со 5,7 инчен екран со резолуција од 1440 на 720 пиксели. Ова можеби звучи малку во споредба со трендовите овие години, меѓутоа сепак се работи за поевтин уред, а тука е и предноста на поголема штедливост, доколку не ви смета да видите по некој пиксел.
Чипсетот на којшто работи овој уред е Exynos 7872 кој има шест јадра, односно две Cortex-A73 кои работат на 2.0 GHz и четири Crotex-A53 кои работат на 1,6 GHz. Очигледно е дека процесорот е направен со цел штедење на енергија во преден план.
Уредот доаѓа со 3GB RAM меморија, како и избор од 32 или 64 GB простор за складирање на податоци.
Meizu M6s е напојуван од батерија со капацитет од 3.000 mAh, има задна камера со 16 и предна камера со 8 мегапиксели.
Интересен е изборот на Meizu да го постави скенерот за отпечатоци на прсти од страната на уредот, што може да се покаже како подобро место од задната страна.
Предното копче е заменето со софтверско кое ќе има гестови, односно едно притискање е функцијата за враќање назад, подолго притискање е home, повлекување лево и десно е за менување на активни апликации и слично.
Корисниците кои не сакаат или не можат да се навикнат на вакво користење на телефонот, може да ги вклучат стандардните за Android софтверски 3 копчиња.
Извор: GSMArena