950-950xl

Познатиот „протекувач“ на информации Evan Blass, подобро познат како evleaks, како гостин автор на порталот WMPoweruser, објавува неколку нови информации, како и мислења за новите телефони од високата класа кои што Microsoft треба конечно да ги претстави.

Првата информација важна за фановите на Windows е кога точно Microsoft ќе ги претстави новите уреди. Според Evan тие ќе бидат претставени на 10-ти октомври, што претставува и интересна дата за претставување на првите Windows 10 уреди од компанијата, 10/10.

Очекувањето за нови модели од високата класа кои што работат на Windows е големо поради малиот број на вакви уреди кои што веќе одамна и не биле претставени. Microsoft по купувањето на Nokia се концентрира повеќе на претставување на телефони од ниската и средната класа, а претставување на телефони од високата го остави за по претставувањето на Windows 10.

Досега можевме да прочитаме неофицијални информации за тоа што може да се очекува од новите модели од Microsoft. Ќе бидат претставени два модели, Lumia 950 и 950 XL. Ќе доаѓаат со екрани со големина од 5,2 и 5,7 инчи, а ќе работат на 808 и 810 чиповите од Qualcomm.

Една работа која што исто така привлече внимание, може да се каже и не толку позитивно, е информацијата дека новите уреди ќе бидат направени од пластика. Ова е нешто што се помалку производители го практикуваат, а посебно во нивните најсилни модели.

Evan за оваа информација истакнува дека корисниците треба да причекаат додека телефоните не бидат официјално претставени, пред да носат било каков суд за нив. Неофицијалните информации, иако често точни, не се секогаш 100% точни, па најдобро е да се причека.

Исто така, тој истакнува дека треба да се земе во предвид дека вработените од Nokia кои што работат на развојот на телефоните се доста намалени како тим во серија на отпуштања. Тие сега работат во услови каде што не се сигурни за нивната иднина во компанијата, па тоа е нешто што може да влијае на посветеноста во дизајнирањето на новите модели.

Windows 10 беше претставен на 29-ти јули оваа година, а мобилната верзија од овој унифициран оперативен систем е најавена за идниот месец. Корисниците веќе подолг период имаат можност да ја користат Preview верзијата преку Windows Insider програмата, па исто како со десктоп верзијата, веќе знаеме што можеме да очекуваме.

Извор: WMPoweruser

Претходна статијаTinder воведува Super Like за тие што навистина ви се допаѓаат
Следна статијаFacebook тестира привремени слики за профилите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.