LG во текот на вчерашниот ден го претстави V35 ThinQ, наследник на минатогодишниот V30 ThinQ. Овој модел може да се покажа како повеќе популарен кај корисниците во споредба со најновиот од G серијата, односно G7 ThinQ којшто беше претставен пред нешто помалку од месец дена.

Сепак, G серијата е таа која што е замислена да биде достапна во светски рамки, па V35 ThinQ ќе биде достапен само во ограничен број на земји.

Причината поради која V35 може да има се допадне повеќе на корисниците е тоа што уредот е од највисоката класа, исто како G7, меѓутоа не доаѓа со за доста корисници непопуларниот исечок на горниот дел од екранот. Иако G7 нуди можност софтверски да се „сокрие“ исечокот, поради користењето на LCD, наместо на OLED екран, црната позадина која би била поставена зад исечокот не би била баш незабележлива, односно нема да изгледа како да е дел од телото на телефонот.

LG V35 ThinQ доаѓа со 6 инчен OLED екран со резолуција од 2880 на 1440 пиксели, со што се добива густина на пикселите од 538 ppi. Форматот на екранот е издолжениот 18:9, а исто така е направен со многу малку рамки на горниот и долниот дел.

Работи на Snapdragon 845 чипсетот, со 6 GB RAM меморија и избор од 64 и 128 GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 3.300 mAh, а оперативниот систем е Android 8.0 Oreo.

Исто како што е случајот со G7-цата, V35 има двојна задна камера со по 16 мегапиксели, едната стандардна, а другата со широк агол. Предната камера е надградена од 5 на 8 мегапиксели, која исто така е широко аголна за подобри селфи слики со повеќе луѓе во кадарот.

Она што исто така е дел од V35, а се подразбира со оглед на ThinQ ознаката, е вештачката интелигенција. Оваа технологија се користи за автоматско одредување кој е најдобриот режим за сликање зависно од условите, а достапни се 19 различни режими кои ќе ја направат сликата најдобра што може.

Користењето на вештачка интелигенција кај камерите од мобилните е нешто што станува стандардно кај повеќето модели од високата класа, а ова е нешто што ќе ги направи овие аматерски слики уште подобри.

Камерата на LG V35 овозможува и ефекти како што е заматување на позадината при сликање во портрет режим, односно при сликање на некоја личност или објект во преден план од сликата.

LG V35 доаѓа и со посебен аудио систем кој овозможува подобро искуство при слушање на музика на слушалки или поврзување на некој систем. За таа цел LG во овој модел ги вградува Hi-Fi Quad DAC и DTS:X технологиите, па тие на коишто квалитетот на аудио системот им е посебно важен, ќе знаат да препознаат што може да им понуди овој уред.

LG V35 ThinQ доаѓа со димензии од 151,7×75,4×7,3 mm, тежина од 157 грама, Gorilla Glass 5, како и iP68 стандардот за отпорност од вода и прашина.

ИЗВОРPhoneDog
ИЗВОР 2LG
Претходна статијаПапуа Нова Гвинеја еден месец ќе го блокира пристапот до Facebook
Следна статијаЗавршна изложба на студенти од Семос Академија за графички и веб дизајн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.