Во текот на вчерашниот ден LG го претстави најновиот член на нивната G серија, за кого веќе ги имавме повеќето информации. Овој настан повеќе служеше за потврда на истите, а и дополнување на неколку кои можеби и не успеавме да ги прочитаме.

LG G7 во основа е класичен смартфон за 2018 и истиот не се истакнува со ништо посебно, барем од аспект на изгледот. Доаѓа со „издолжениот“ формат стандарден за најновите модели од високата класа, односно со сооднос од 19,5:9, што го прави сепак нешто повеќе издолжен од конкурентите. Со тоа, како што истакнуваат од LG имаат постигнато да G7 не е поширок од неговиот претходник и е одличен за користење со една рака.

Страните на уредот се направени од метал, додека предната и задната површина од Gorilla Glass, нешто што е стандард кај повеќето уреди оваа и минатата година.

Екранот на G7 е со големина од 6,1 инч и QHD+ резолуција со 3120 x 1440 пиксели. Од LG ја истакнуваат јачината на нивниот екран направен со нивната Super Bright Display технолигија која овозможува одлична осветленост и при сончева светлина.

Она што треба да се истакне е дека од LG сепак се имаат одлучено да користат LCD технологија, наместо во денешно време повеќе популарната OLED. Оваа одлука посебно ќе биде забележлива при вклучување на опцијата за сокривање на исечокот на горниот дел од екранот. Сокривањето се прави софтверски, едноставно со додавање на црна лента на горниот дел од екранот, лента која нема да биде баш црна како што би била со OLED екран. Исто така, доколку LG се одлучеше за OLED екран, пикселите на горната лента едноставно немаше да се вклучуваат и ќе допринесеше за дополнителна заштеда на батеријата.

Додека сме кај карактеристиките на екранот, да истакнеме и дека тој им овозможува на корисниците избор од повеќе режими на прикажување на боите, светлина и слично, меѓу кои и автоматски режим за тие кои не сакаат многу да „чепкаат“. Горната лента, при криењето на исечокот, може да се избере да биде во разни бои, односно да не биде само класично црна боја.

Инаку, LG G7 работи на Qualcomm® Snapdragon™ 845 мобилниот чипсет, па се очекуваат одлични перформанси од уредот. Доаѓа со избор од 4 и 6 GB RAM меморија и соодветно 64 и 128 GB простор за податоци.

Две карактеристики на LG G7 прават да овој уред се истакне од конкуренцијата, иако не значи дека не може да се најдат уреди со соодветен одговор.

Системот базиран на Вештачка интелигенција кој е тука да ни помогне во сликањето на слики и снимањето на видеа е еден од главните карактеристики кои се истакнуваат како посебни на G7. Овој систем овозможува избор од поголем број на режими на сликање кои со помош на ВИ ќе овозможат да ја направиме најдобрата слика што можеме.

Овој систем исто така е тука да овозможи подобри слики при темни услови. Одлуката за тоа колку светлина да се овозможи, времето на сликање и други фактори кои со професионалните апарати ги одлучува фотографот, кај G7 ги прави вештачката интелигенција.

Инаку, LG G7 доаѓа со двојна камера на задната страна со 16 мегапиксели и една камера на предната страна со 8 мегапиксели. Задната камера, односно двете камери се поделени на една обична и една со широк агол на сликање. Ова овозможува сликање со одредени ефекти за кои корисникот не треба да знае баш најдобро што прави за да ги постигне.

Втората карактеристика која го разликува LG G7 од конкуренцијата е аудио системот. Таканаречениот Boombox Speaker во уредот го искористува намерно оставениот празен простор внатре за да го искористи како резонантна комора. Со тоа се добива многу подобар звук, поточно бас, па наводно G7 успева да извади квалитет и јачина на звукот како што би се добил со додатен „сабвуфер“.

Од останатите карактеристики, LG G7 вклучува и батерија со капацитет од не толку големи 3.000 mAh, Android 8.0 Oreo, како и IP68 отпорност на вода и прашина. Неговите димензии изнесуваат 153,2 x 71,9 x 7,9 милиметри, а тежи 162 грама.