Многумина сигурно не го знаат, но LG Chocolate BL40 (на фотографијата подолу) за мене беше еден од најимпресивните мобилни телефони пред 7-8 години, во времето кога се уште немаше многу смартфони на сцената. Причината за тоа? Исклучително високиот и тесен дисплеј, кој го правеше телефонот лесен за држење во рака но и многу убав за гледање. Сега, LG веројатно ќе вгради нов супер висок дисплеј во нивниот знаменосец LG G6.

За споредба, сите денешни смартфони имаат дисплеј со сооднос од 16:9 на вертикала со хоризонтала. Ова значи дека на секои 16 вертикални пиксели има 9 хоризонтални. Дисплејот кој би се вградувал во LG G6 пак би имал дисплеј со сооднос од 18:9, поточно 2:1, што значи дека ќе има околу 10% поголема висина на иста ширина од 16:9 дисплеј, односно по еден хоризонтален писел на два вертикални.

Што значи ова? Кога ќе гледате видео, како на пример некој филм со сооднос од 16:9 ќе има празен црн простор од страните, но не и за холивудските филмови, кои одлично ќе го пополнат просторот. Исто така, бидејќи дисплејот ќе има големина од 5,7 инчи ќе биде многу тешко да се стигне горниот дел за да се спушти просторот со нотификации, но LG би можел горниот дел да го искористи за функционалност слична на вториот дисплеј на LG V20. Исто така, ваков телефон би бил многу потесен од 5,7 смартфон со 16:9 дисплеј

Информацијата дека LG G6 би можел да има ваков дисплеј не е потврдена, но LG Display, подружницата на LG Electronics за производство и развој на дисплеи, на CES саемот објави токму таков дисплеј со големина од 5,7 инчи и супер висока резолуција од 2880х1440 пиксели. Според LG Display, покрај високата острина, овој дисплеј може да се вгради во смартфон со многу помала рамка од страните, ќе биде 10% подобро видлив на надворешна светлина и ќе троши 30% помалку енергија, што значи подолго траење на батеријата.

Со ваков дисплеј, LG G6 би можел да биде прилично интересен модел кој ќе се издвојува од конкуренцијата. Ако појдеме од тоа колку добро изгледаше погоре споменатиот LG BL40 на времето, јас сум многу возбуден. Како и да е, нема да треба да чекаме предолго за да го видиме овој модел – LG G6 најверојатно ќе биде претставен на Mobile World Congress во Барселона на крајот од Февруари.

Извор: Engadget, The Verge, GSM Arena

Претходна статијаiPhone 8 ќе има изработка од стакло со рамка од челик?
Следна статијаНовата надградба на Windows 10 за инсајдерите со долга листа на новитети