lg-g3-fan

Битката меѓу производителите во лансирање екрани со што повеќе пиксели не застанува. Иако, како крајни корисници, не успеваме да ја забележиме разликата ниту меѓу Full HD (1920×1080) екран и 2,5K екран (2560×1440) на екрани до 5,5 инчи, LG, кој со G3, меѓу првите лансираше смартфон со 2,5K екран, во G4 ќе вградува екран со уште повисока резолуција и тоа 2880×1620, која важи за 3K резолуција.

Качувањето на бројката на пикселите може да отвори многу дискусија и се чини, за повеќето корисници Full HD екранот ќе биде секогаш доволен, бидејќи овозможува извонредна острина и долго траење на батеријата, за разлика од екраните со поголема резолуција, кои имаат незабележливо поголема острина, но многу пократок век на траење на батеријата.

Но, се чини ова не ги спречува маркетинг одделите на компаниите да продолжат да ја водат битката со незначајните бројки. Се чини многу е поважно новиот екран да биде прв пред конкурентите на пазарот, отколку тоа да биде позначајна промена од која ќе има придобивка крајниот корисник. Новиот екран на LG G4 има 600 ppi (пиксели по инч), што е неверојатна бројка, но човечкото око и така веќе не може да забележи разлика над 400 ppi, па се чини употребата на такви екрани е непотребна. Тоа не значи дека не треба да очекуваме и 4K телефон, нели.

Но, да се вратиме на новиот G4. Покрај екранот, најдобриот смартфон на LG ќе го користи Snapdragon 810 процесорот со осум јадра, а ќе има 4 GB RAM меморија. Целосно нова ќе биде и камерата, со 20,7 мегапиксели и оптичка стабилизација за сликање без блиц во ноќни услови, односно постабилни видеа. Нормално, камерата ќе снима и 4K видеа со резолуција од 3840×2160 пиксели.

Иако се уште нема протечени фотографии од уредот, се претпоставува дека ќе го има најмалиот простор околу екранот од сите паметни телефони во неговата класа, односно, иако ќе има екран со големина од 5,5 до 5,7 инчи, ќе биде многу помал од своите конкуренти. LG G4 треба да биде лансиран во Мај оваа година, набрзо по претставувањето на неговите два главни конкуренти, HTC One M9 и Samsung Galaxy S6.

Извор: TechnoBuffaloBGR, Ubergizmo

Претходна статијаLenovo лансираше селфи блиц
Следна статијаЕфикасни начини за справување со Интернетот на нештата