Годинава LG, па потоа и Samsung се одлучија да направат прилично голема промена во начинот на кој ги дизајнираат своите смартфони од високата класа – дисплеите од 16:9 сега станаа повисоки со сооднос од 18:9 (кај LG G6) и 18,5:9 (кај Samsung Galaxy S8 и S8+).

Ова е прилично голема промена која го менува начинот на кој го користите вашиот смартфон. Лично имав можност да го пробам Galaxy S8+ и можам да потврдам дека освен за симнување на центарот на нотификации, новиот дисплеј е многу полесен за користење за оние со помали раце и покрај супер големиот дисплеј, бидејќи телефонот е потесен. Сепак, има неколку недостатоци, како на пример тоа што треба да гледате видеа од YouTube со црна рамка од страните или пак да го раширите и пресечете видеото.

Од LG сепак ветуваат дека во наредниве неколку години сите производители ќе се преселат на повисоки дисплеи со сооднос од 18:9. Причината за ова е едноставна – со ваков екран телефоните ќе бидат полесени и поудобни за користење и покрај тоа што ќе  имаат поголема површина, а гледањето мултимедијални содржини на нив исто така ќе биде многу подобро искуство. Ова особено важи за видео содржините од Холивуд, кои се веќе снимени со сличен сооднос (многу се пошироки), но во иднина се очекува и останатите видео содржини да го прифатат овој сооднос.

Исто така, ваквите екрани се многу подобри за користење на две апликации одеднаш, бидејќи се повисоки и можат да прикажат многу повеќе информации на дисплејот одеднаш. Ова е прилично важно, бидејќи денес сите нови мобилни оперативни системи ја нудат оваа опција.

Секако, во моментов многу од овие функционалности се ограничени бидејќи сите апликации се развивани за екрани со сооднос од 16:9, но промените би можеле да стигнат многу скоро, бидејќи според најавите вакви екрани во своите смартфони ќе имаат и други големи производители, како на пример Sony, кој ќе лансира таков смартфон уште оваа година..

Извор: ZDNet

Претходна статијаORWL лансира самоуништувачки компјутер, кој е најбезбедниот досега
Следна статијаЕлон Маск го прикажа првиот произведен автомобил од новиот Tesla Model 3