lenovo-a7000-and-lenovo-vibe-shot-and-lenovo-pocket-projector

Кинескиот производител ја продолжува офанзивата во мобилната телефонија и на саемот во Барселона претстави два нови паметни телефони од средната, односно средно високата класа.

Првиот модел, кој го носи името Vibe Shot, е смартфон чија главна намена е фотографијата, поради што е вграден нов сензор од 16 мегапиксели и блиц со три LED светла во различни бои, со цел избалансирани слики навечер. Во фотографирањето поостри фотографии ќе помага и вградената оптичка стабилизација, а фотографските ентузијасти ќе имаат цел сет на мануелни контроли за подесување, како брзината на блендата, односно експозицијата. Всушност, кај Vibe Shot и надворешниот дизајн треба да потсетува на постарите, ретро професионални апарати, што дополнително нагласува за кого е наменет телефонот.

Lenovo-Vibe-Shot

Од другите спецификации, Vibe Shot е опремен со новиот 64 – битен процесор на Qualcomm, Snapdragon 615, кој има четири јадра со брзина од 1.7 GHz и четири јадра со брзина од 1.0 GHz, потпомогнат од 3 GB рам, кои треба да овозможат одличен мултитаскинг. Вграден е и одличен простор за складирање податоци од 32 GB, со можност за проширување со micro SD картичка (до 128 GB). Дисплејот е со големина од 5 инчи и Full HD резолуција, што е во рамките на класата, додека софтверот е Android Lollipop со Vibe UI скин од Lenovo. Капацитетот на батеријата е 2900 mAh.

Вториот модел е новиот телефон од достапната A – серија на Lenovo, со ознака А7000, кој има големина на екранот од 5,5 инчи и HD резолуција од 1280х720 пиксели. Опремен е со Mediatek процесор со осум јадра, брзина од 1.5 GHz и 2 GB рам меморија, односно 8 GB простор за складирање податоци. Батеријата го има истиот капацитет како кај Vibe Shot, исто како и оперативниот систем.

Harga-Lenovo-A70001

Главната карактеристика на A7000, покрај големиот екран и ниската цена, е Dolby ATMOS аудио подобрувањето, кое според Lenovo треба да овозможи одлично музичко, односно видео искуство, со висок динамички опсег, кој вклучува и подлабок бас, дури и без слушалки. Покрај тоа, моделот е опремен со задна камера со 8 и предна со 5 мегапиксели.

Двата нови паметни телефони на Lenovo треба да пристигнат на пазарот летово, кога треба да ги очекуваме и кај нас. Цените засега не се познати, но за очекување е А7000 да биде прилично поволен паметен телефон, особено со оглед на перформансите кои ги нуди.

Извор: GSMArena

Претходна статијаGoogle Chrome 41 достапен за симнување, донесува повеќе сигурносни исправки
Следна статијаПретставен BitTorrent Sync 2.0, вклучува Pro верзија со повеќе функции