gsmarena_002

Акционите камери се мошне популарни кај зависниците од адреналин и кај спортистите, но и воопшто кај пошироката публика, благодарение на нивните широки можности. Новата акциона камера на Kyocera е особено интересна, бидејќи е вградена во нов цврст модел на паметен телефон, кој може да издржи скоро се што ќе му приредите на вашите екстремни активности.

Да, како и сите подобри акциони камери и DuraForce Pro е исклучително отпорен. Имено, тој има IP68 сертификација за водоотпорност до 2 метри длабочина максимум 30 минути, но многу поважно, воена спецификација 810G за отпорност на шокови, вибрации, прашина, екстремни температури и температурни шокови, соларна радијација, низок притисок, екстремно влажен воздух и „замрзнат дожд“.

Ова е дефинитивно смартфон кој ќе биде тешко да го уништите, што го прави перфектен за втората негова намена – да биде акциона камера. За тоа ќе биде задолжена задната камера, со исклучително широка леќа од 135 степени, која може да снима и Full HD видео. Ова ја става рамо до рамо со акционите камери од средната класа – за натпреварување со најдобрите DuraForce Pro ќе мора да снима и Ultra HD видео. Kyocera сепак има вградено неколку различни софтверски подобрувања за снимање под вода, Time Lapse, забавена снимка итн, a ќе има и додаток со кој телефонот ќе може да се стави на сите стандардни држачи за акциони камери.

Оваа камера е придружена од уште една со сензор со 13 мегапиксели, која има нормален агол и е задолжена за стандардните фотографии за Instagram, додека за селфи фановите е вградена и предна камера од 5 мегапиксели. Да, овде има камера за апсолутно секого – и за спортистите и за фотографите и за селфи зависниците.

Сета оваа отпорност на елементите и можност за снимање акциони видеа е вградена во прилично добар Android Marshmallow 6.0 паметен телефон, со 5 инчен Full HD дисплеј, Snapragon 617 процесор и 2 GB рам, што значи дека може да очекувате респектабилни перформанси. Батеријата има солиден капацитет од 3.240 mAh со Qualcomm 2.0 брзо полнење и безжично полнење, додека во телефонот е вграден простор од 32 GB за складирање податоци.

Kyocera ги нагласува и аудио перформансите – напред поставените стерео звучници можат да извадат звук со јачина од преку 100 децибели (импресивно), а во копчето за отклучување тие имаат вграден и читач за отпечатоци на прстите. Дефинитивно со овој телефон не се губи на ниту една функционалност.

Она што сѐ уште не ни е познато е цената на овој телефон, но очекувајте да биде малку повисока – цврстите и отпорни телефони секогаш чинеле премиум над обичните (како Samsung S7 Active и CAT S50c), а овој дури има и функционална акциона камера во него.

Извор: GSMArena, Android Police, Digital Trends

Претходна статијаНова активна суспензија од Audi ги претвора дупките од патот во електрична енергија
Следна статијаНова верзија од KickassTorrents сака да ги украде кредитните картички од корисниците