На вчерашниот настан од Apple, покрај наследникот на ланскиот iPhone XR, наречен едноставно iPhone 11, од компанијата ги претставија и двата наследници на ланските iPhone XS и iPhone XS Max.

„За среќа“ не се остварија шпекулациите за именувањето на новите iPhone телефони, барем не првите шпекулации, па новите телефони се наречени iPhone 11 Pro и iPhone 11 Pro Max. Претпоставките дека посилните модели ќе почнат да се издвојуваат како Pro модели се покажаа како точни, па сега е и појасна пазарната поставеност на трите уреди.

Исто како што е случајот со iPhone 11, така и iPhone 11 Pro и iPhone 11 Pro Max е очигледно дека се само надградби на нивните лански модели. Тоа веднаш се гледа од нивниот дизајн којшто е скоро ист, а тука е и за мене не толку „убавиот“ исечок на горната страна којшто Apple никако да престане да го користи.

Двата нови Pro модели на iPhone доаѓаат со новиот А13 Bionic чип којшто, како што нагласува Apple, донесува до 20% подобри перформанси од ланскиот A12. Овој чип исто така овозможува подобрено машинско учење кое секако е потребно кога уредите имаат повеќе од една камера.

Како и iPhone 11, така и Pro моделите доаѓаат со една додатна камера на задната страна, па со тоа iPhone 11 Pro и Pro Max се првите iPhone телефони кои имаат три камери на задната страна.

Трите камери на задната страна веднаш се забележуваат, па до некаде изгледа како од Apple да се немаат потрудено тие да бидат нешто подискретни, но сепак се истакнува дека стаклото од коешто е изработена задната страна се прелева како едно парче и на камерите. Исто така, Apple го промовира стаклото како најсилното досега на еден смартфон.

Трите камери на задната страна инаку имаат по 12 мегапиксели, а секоја камера има своја посебна карактеристика. Едната камера овозможува ултра широк агол на сликање од 120 степени, втората е стандардна и третата е телефото камера која овозможува до 2 пати оптички зумирање.

Телефоните доаѓаат со повеќе можности за додавање на ефекти на сликите, како од трите камери, така и од софтверот којшто е помогнат и од машинското учење. Тука е и новиот режим за ноќно сликање, а изменета е и апликацијата за камерата која овозможува, покрај другото, снимање на видео со подолго притискање на копчето.

Како и лани, iPhone 11 Pro и iPhone 11 Pro Max доаѓаат во две различни големини, а од Apple истакнуваат дека и самиот екран е подобро и сега го нарекуваат Super Retina XDR екран којшто има поголема светлина до 1200 nits, како и подобар контраст.

Во продолжение видео од The Verge кои ги пробаа уредите на настанот, па во кратки црти ги објаснуваат новините.

ИЗВОРApple
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаiPhone 11 е наследникот на iPhone XR со двојна камера на задната страна и нов А13 Bionic чип за подобри перформанси
Следна статијаSouth Central Ventures инвестираше во Македонска НЕТи за развој на софтвер за интернет и безбедност на податоци
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.