Како што и претходно очекувавме, новите iPhone модели ќе бидат претставени на специјален настан на 12 септември во Купертино. Ова се’ уште не е официјално потврдено од Apple, но веќе го јавуваат многу различни сигурни извори и скоро со сигурност можеме да кажеме дека тоа ќе биде датумот кога ќе го видиме веројатно најинтересниот iPhone досега.

Да, на настанот ќе бидат претставени три нови iPhone модели, од кои двата ќе бидат само подобрување на актуелните iPhone 7 и iPhone 7 Plus, но тоа нема да одземе од тежината на претставувањето на iPhone 8. Да потсетам, ова ќе биде смартфон со многу мала рамка околу дисплејот, додека самиот дисплеј ќе биде OLED, што значи дека може да очекуваме повисок квалитет на сликата, со поголем контраст.

iPhone 8 ќе има и неколку новитети, како систем за супер брзо 3D препознавање на лицето на корисникот за отклучување на телефонот (нема да може да биде излажан со фотографија), како и поддршка за безжично полнење, иако за жал тоа нема да биде стандардното Qi, туку Apple ќе лансира нов стандард, кој според сегашните информации ќе биде двојно побавен во полнењето на телефонот.

Покрај новите iPhone-и, на настанот веројатно ќе биде претставен и нов Apple TV – актуелниот модел нема поддршка за 4K видео резолуција и Apple најверојатно ќе донесе такво подобрување во новиот модел, а за домашните корисници на настанот ќе се дознае повеќе и за паметниот звучник HomePod. Покрај него, можно е и претставување на нов Apple Watch паметен часовник, кој најверојатно ќе може директно да се поврзе на мрежата, односно нема да има потреба да носите паметен телефон.

Извор: TechCrunch, MacRumors, WSJ

Претходна статија360° фотографии како Cover photo на Facebook
Следна статија“Speedo” и “Samsung” разбрануваа со партнерство со цел спој од водечките индустриски способности за следење на пливањето преку уредите “Gear Fit2 Pro“ и “Gear Sport“