Intel+X3+chip

Најпознатиот бренд за производство на процесори за десктоп, лаптоп и сервер компјутери, Intel, веќе подолго време се обидува и на пазарот на паметните телефони со Atom серијата, но главниот конкурент Qualcomm, а во поново време и Samsung и MediaTek нудат подобри перформанси и пониска потрошувачка, благодарение на ARM архитектурата.

Intel и натаму одбива да ја прифати таа архитектура на мобилни процесори и штотуку ја лансираше новата Atom линија, која се базира на новата Cherry Trail платформа, која треба да донесе високи перформанси, по многу ниска цена. Главен адут на Atom процесорите е големината на транзисторите од само 14 nm, која овозможува извонредно ниска потрошувачка на енергија, за понудени високи перформанси. Моментално, само Exynos 7420 чипот на Samsung се изработува со иста големина на транзисторите.

Гамата ќе ја сочинуваат три чипови, кои се именувани X3, X5 и Х7, следејќи ја шемата на “i” серијата на Intel, со цел полесно распознавање кај корисниците. Токму основниот модел се очекува да донесе голема застапеност на пазарот, благодарение на вградениот 3G модул во процесорот.

Со овој чип, како што кажуваат од Intel, ќе може да се понудат супер евтини мобилни телефони со цена под 75 долари, кои ќе понудат солидни перформанси и долго траење на батеријата, но и модели од околу 200 долари со високи перформанси со оглед на класата. Според бенчмарковите од Intel, нивниот процесор ќе биде поевтин и 1,5 пати побрз од најевтиниот процесор со четири јадра на Qualcomm, Snapdragon 200.

intel-atom-x3-benchmarks-100570102-large

Помоќните X5 и X7 процесори немаат вграден модул за безжична комуникација, како 3G или LTE и затоа ќе се вградуваат пред се во поголеми таблети, односно хибриди таблет – лаптоп од ниската класа, бидејќи ќе можат без проблем да „возат“ и стандардни Windows програми, што е голема предност во однос на ARM чиповите, кои веќе скоро и да не се вградуваат во евтините лаптопи.

Според вице претседателот за Инженерски Платформи во Intel, Аиша Еванс, со новиот X3 процесор, со кодна ознака “Sofia”, производителот ја намалил разликата со процесорите на Qualcomm на само неколку месеци заостанување, наместо неколку години како што тоа беше случај со претходните Atom чипови.

Дали Intel ќе успее и во мобилната телефонија како што тоа го прави кај компјутерите ќе покаже времето, но уште во старт е забележлив недостатокот на LTE чип за 4G комуникација во најевтините чипови, која ја нудат многу евтини модели со Qualcomm, односно MediaTek процесори.

X3 процесорите инаку ќе ги произведува Rockchip, кинески производител на процесори, по лиценца на Intel, а веројатно со цел пониска цена на самиот чип. X серијата на чипови инаку ќе поддржува Android и Windows 10 и во десктоп и во телефонската варијанта.

intel-atom-x3-breakdown-100570062-large

Извор: PCWorld, Engadget

Претходна статијаMicrosoft ги претстави супер достапните телефони од средната класа, Lumia 640 и 640 XL
Следна статијаXiaomi Yi – Акциона камера директен конкурент на сега „скапата“ GoPro