Пред два дена, на Samsung Developer Conference 2018, Samsung конечно го прикажа нивниот екран кој може да се превиткува. Наречен Infinity Flex, овој екран е доволно еластичен да овозможи негово превиткување и со тоа два формати на работа на уредот којшто ќе работи со овој екран.

Уредите кои ќе работат со екрани на превиткување треба да ја претставуваат наредната револуција во мобилните уреди. Тие ќе овозможат мал уред, погоден за користење како телефон и лесно пренослив во џеб, кој потоа може да се отвори и да овозможи големина на таблет компјутер погоден за гледање на видео содржина и слично.

Се надевавме дека Samsung на нивниот настан конечно ќе ни прикаже функционален уред, меѓутоа сепак моравме да се задоволиме само со претставување на екранот, додека уредот којшто ќе работи со овој екран е најавен за претставување идната година.

На презентацијата можевме да видиме некои од карактеристиките на овој екран, па со тоа да добиеме претстава за тоа што може да се очекува од уредот идната година.

Кога е отворен, уредот ќе има екран со големина од 7,3 инчи и резолуција од 1.536 на 2.152. Ова е одлична резолуција која веќе се користи кај мобилните уреди, а треба да овозможи и одлично корисничко искуство и кај поголем екран.

Она што сепак го поставува прашањето дали овој уред ќе мора најчесто да се користи во талбет режим е големината на задниот екран, односно екранот којшто ќе се користи кога уредот ќе се затвори, во режим на мобилен телефон.

Големината на овој екран изнесува 4,58 инчи, што е прилично помало од тоа на кое сме научени во денешно време, па се надевавме дека сепак тој екран ќе биде барем 5,5 инчи голем. Неговата резолуција изнесува 840 на 1.960, што повторно овозможува одлично корисничко искуство.

Причината поради која сметам дека 4,58 инчи е малку е што сепак веќе се навикнавме на уреди со големина на екранот поголема од 5 инчи и не мислам на најголемите кои имаат и над 6. Големината од над 6 инчи не е потребна поради можноста за отворање на уредот во таблет режим, меѓутоа со тоа што задниот екран е само 4,58 инчи, некако излегува дека во тој режим телефон ќе биде во главно наменет да биде, кратко кажано, телефон.

Сепак, Samsung со причина не го претстави својот уред, односно го остави за идната година, па да оставиме до тогаш кога официјално ќе видиме што точно ќе претстават од компанијата.

ИЗВОРShara Tibken
Претходна статијаAndroid ќе добие поддршка за уреди со екрани кои се превиткуваат
Следна статијаЗошто повеќе се сеќаваш на лошите случки (negativity bias)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.