Беше само прашање на време кога некој кинески производител ќе биде на врвот на листата на најпродавани смартфони. Huawei веројатно наскоро ќе го преземе второто место – нивниот раст е многу поголем од тој на Apple и Samsung. Поточно, тие опасно се доближија на Apple на листата на најпродавани смартфони во второто тримесечје на оваа година.

Apple исто така имаше раст, но само од 40,4 на 41 милиони продадени iPhone-и. Huawei направи поголем раст од 20% на 38,4 милиони продадени смартфони, што е пазарен удел од околу 10,7%.

Ова не е мала вест – Huawei е производител кој допрва треба да се етаблира на пазарот, особено во западните земји. Уште поинтересно, зад Huawei се Oppo и Xiaomi, кои исто така имаат огромен раст на продажбата и на нив треба да се пази во наредните неколку години.

Apple од друга страна пак има пад на профитите во Кина, што според аналитичарите е поради падот на популарноста на iPhone во земјата и растот на популарноста на домашните производители. Ќе биде интересно да се види дали iPhone 8 може да го врати Apple на старата слава во Кина, но и на другите светски пазари, каде тој бренд веќе ја нема тежината која ја имаше.

Samsung пак и натаму е неприкосновен во вкупната продажба на смартфони – тие во второто тримесечје испорачаа 79,5 милиони единици, што е за скоро 2 милиони повеќе во однос на истиот период минатата година. Благодарение на иновативноста и употребата на највисоки технологии во своите модели, како и мноштвото уреди, Samsung се очекува да владее во догледно време.

Извор: MacRumors, Fortune, Investopedia

Претходна статијаFacebook исклучи компјутер со вештачка интелигенција кој измисли свој јазик
Следна статијаMicrosoft спрема Touch Cover тастатура за iPad Pro?