503048-holoflex

Виртуелна реалност, паметни телефони кои може да се виткаат, холограми… Технологија од научно фантастичните филмови е дефинитивно тука, а HoloFlex е еден од најдобрите показатели за тоа што можеме да очекуваме во наредните неколку години.

HoloFlex е концепт на истражувачи од Универзитетот во Онтарио, Канада. Се работи за паметен телефон кој може да се витка, благодарение на FOLED дисплејот, односно флексибилен OLED дисплеј. Вакви концепти веќе видовме од Samsung и LG и на прв поглед овој не изгледа воопшто различен, се додека не се навлезе подлабоко во неговата холограмска страна.

Имено, дисплејот кој има резолуција од 1920х1080 пиксели, може да прикаже 3D слика која делува буквално како да лебди над дисплејот, без потреба од дополнителни очила како досегашните 3D дисплеи. Ова е постигнато благодарение на 12 пикселни кругови, кои ја проектираат сликата преку 16.000 ултра широки “fisheye” леќи. 3D сликата притоа има резолуција од 160х104 пиксели, што делува како малку, но е веројатно доволно за да се долови ефектот на холограм.

Според Др. Роел Вендегард, оваа технологија може целосно да го смени начинот на кој ги користиме нашите паметни телефони. На пример, како што вели тој, во играта Angry Birds птиците ќе можат да се лансираат со свиткување на смартфонот и потоа корисникот да ги гледа буквално како лебдат на него, односно при видео конференции, со свиткување на дисплејот, корисникот ќе може да види холограмска 3D слика од соговорникот, а благодарение на вградените камери на уредите, тие ќе можат да се гледаат буквално еден во друг.

Овој паметен телефон е само концепт и секако не очекувајте дека ќе можете да го купите набрзо, но целата оваа технологија би можела да пристигне во паметните уреди наменети за широка потрошувачка во наредниве неколку години. HoloFlex ќе биде претставен на конференцијата за интеракција меѓу луѓето и компјутерите во Сан Хозе денес, заедно со неколку други интересни концепти и технологии наменети за иднината.

Извор: PCWorld, The Next Web, Engadget

Претходна статијаВеројатно не сме (биле) сами во Универзумот
Следна статијаХакери имале пристап до милиони Android корисници во последниве 5 години