android-one

За Android One веќе имаме зборувано неколку пати претходно, но за оние што не знаат, ќе потсетиме дека се работи за иницијатива на Google за производство на евтини Android паметни телефони, кои ќе имаат чиста верзија на оперативниот систем и ќе бидат наменети за пазарите во развој, а која започна минатата година.

Како земја која делумно спаѓа во таквите пазари, оваа вест ја дочекавме со отворени раце, но проектот засега не се покажа како многу успешен и покрај поддршката од неколку производители на паметни телефони. Имено, во Индија, каде Google започна со иницијативата, досега се продадени само 800.000 такви телефони, што е реално многу мала бројка. За слабите бројки, Google делумно ја обвини и слабата достапност на уредите, но реално, ниту пазарот не ги дочека како што беше најавувано.

Сепак, Google ќе се обиде уште еднаш, сега со телефони кои ќе бидат поевтини од 50 долари и ќе овозможуваат целосно Android искуство, со најновата верзија достапна во тој момент. На овој начин, гигантот ќе се осигура дека корисниците ќе ги користат нивните сервиси, како Google Drive, особено по нападот на конкурентите, како Microsoft, кој е исто така агресивен со Cortana, Office и One Drive во Windows 10, Android и iOS.

Кога сме кај самите телефони, Google најавува дека ќе бидат со висок квалитет и ќе овозможат солидно искуство за корисниците, со мазна работа во оперативниот систем, а најавено е дека ќе работат брзо и на бавните безжични интернет мрежи во земјите во развој. Исто така, овие телефони брзо ќе ги добиваат надградбите за новите верзии на Android, за разлика од многу други евтини телефони со овој оперативен систем, кои во најголем број и никогаш не добиваат надградба.

Првите телефони од втората генерација на Android One би требало да ги видиме наскоро, но засега не би можеле да потврдиме дека ќе бидат достапни и кај нас, бидејќи главната нивна намена е за источните пазари, како Кина и Индија.

Извор: ZDNet, Endgadget

Претходна статијаCortana сега може целосно да го замени Google Now во Android
Следна статијаGoogle во сопственост на нова поголема мајка компанија Alphabet