Светнувањето на дисплејот на смартфонот кај сите нас почна да ги повлекува очите кон дисплејот, независно дали е тоа нашиот паметен телефон или некој туѓ. Едноставно, влезено ни е во мускулната меморија да погледнеме во дисплеј кој свети. Сепак, има такви кои не само што погледнуваат на кратко, туку и продолжуваат да гледаат и за тие, Google развива софтвер кој ќе се обиде да ги „посрамоти“.

Новите алгоритми кои треба да ги забележуваат луѓето околу Вас се базирани на вештачка интелигенција и се развиени од Хи Јунг Риу и Флориан Шроф, кои ќе ја презентираат целосната работа на “Neural Information Processing Systems”. Она што е импресивно е брзината на забележување – нив им требаат само 2 милисекунди да забележат дека некој ѕирка во вашиот смартфон отстрана, што е во најмала рака импресивно.

Софтверот инаку работи така што откако ќе забележи дека некој ѕирка во вашиот телефон, веднаш излегува од апликацијата во која што сте, како на пример Messenger и ја пушта предната камера, заедно со стикер кој го означува оној кој ѕирка во вашиот телефон. За помалку од секунда, вие не само што ќе можете да видите кој сакал да го прочита вашиот приватен чет, туку и да го засрами него со тоа што ќе го означи во фотографија од предната камера.

Засега нема најави дека Google би ја вградил оваа можност во некоја идна верзија на Android, бидејќи да бидеме искрени е прилично офанзивна кон луѓето во околината, но некаков тип на заштита сепак би можел да пристигне во смартфоните наредниве неколку години.

Извор: The Next Web, Engadget, The Tech News

Претходна статијаMicrosoft ќе вложи неколку милијарди долари за обновување на кампусот
Следна статијаИзлезе HDMI 2.1, ќе поддржува 10K резолуција и 4K на 120 Hz