По претставувањето на телефоните од другите најпознати производители, односно Note 8 од Samsung, новите iPhone-ни од Apple, како и моделите од LG, HTC и слични, на ред се разбира остана уште Google.

Pixel 2 и Pixel 2 XL треба да бидат новите модели од Google, наследници на првата генерација по промената на политиката на компанијата со популарните Nexus уреди. Првите Pixel телефони го имаа очекуваниот успех, па сега фановите чекаат да видат дали Google ќе понуди нешто доволно добро за да им конкурира на Samsung и Apple кои целосно отидоа во правецот на големи уреди со многу мала рамка на екраните.

Гласините говореа дека Google ќе го одржи својот Pixel настан на 5ти октомври и тоа се покажа прилично точно. Од компанијата официјално го закажаа настанот за ден порано, односно за 4ти октомври.

Како што е обично редот, скоро ништо не е објавено во најавата, освен неколку мали „хинтови“ кои треба да ни кажат во кој правец да размислуваме кога се во прашање новите уреди.

Инаку, од тоа што можеше да се прочита, од неофицијалните информации, се очекува новите уреди да ги имаат најновите компоненти достапни во моментот, односно Snapdragon 835 или 836, 4GB RAM меморија, како и 128GB меморија за складирање на податоци.

Во видео објавено од страна на Google кое го најавува настанот можеме да видиме дека со новите телефони тие ќе се сконцентрираат на подобро траење на батеријата, поголем простор за складирање, како и можностите на Google Assistant.

Покрај тоа, најавите говорат дека основниот Pixel 2 уред нема да биде многу различен од претходникот, освен се разбира поновите компоненти.

Pixel 2 XL ќе биде уредот којшто ќе треба да го привлече главното внимание. За него се очекува да ја следи конкуренцијата со мала рамка на екранот, а исто така се најавува и негово контролирање со притискање на страните како што е случајот со HTC U11.

Како и да е, сигурни сме дека Google нема да дозволи да претстави неинтересни и неконкурентни уреди, а посебно после претставувањето на сите овие нови уреди од конкурентите.

Со нетрпение ќе го чекаме настанот на 4ти октомври, па се разбира ќе ве информираме детално и вас за се што ќе биде претставено.

Извор: Google, Engadget, TechCrunch

Претходна статијаApple Watch Series 3 овозможува да зборувате директно на вашиот паметен часовник
Следна статијаiPhone X е новиот хит, но што сѐ друго Apple претстави на 12 септември?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.