Информациите за телефоните кои најголемите неколку компании треба да ги претстават излегуваат со месеци однапред, па до официјалното претставување остануваат многу малку „изненадувања“, а не ретко и воопшто. Информациите се обично точни, барем во поголемиот дел, што за многу луѓе тоа е и доказ дека компаниите сами ги пуштаат тие информации да „протечат“.

Google Pixel телефоните не се исклучок, а во некои случаеви за нив имало и многу повеќе информации од тоа што се смета за стандардно. Минатата година дури Pixel 3 XL беше достапен во продажба на црните пазари во источна Европа, што ни ги даде сите информации за тој уред.  

По претставувањето на првите „лајт“ модели од Pixel серијата, односно Pixel 3a и Pixel 3a XL, сега вниманието се насочува кон четвртата генерација, односно петта, ако ги броиме лајт моделите.

За Google Pixel 4 веќе има доста неофицијални информации, па Google реши да се приклучи на трендот со свои официјални слики. Тие преку Twitter, изјавувајќи „Па, кога веќе има интерес, еве ви! Чекајте додека видите што ќе може да направи“, објави и една слика од која може да се донесе мал заклучок за Pixel 4.

Оваа слика, која веруваме дека е прва од неколку кои Google ќе ги објави до претставувањето, акцентот го става на задната камера. За разлика од претходната генерација, оваа година Google очигледно ќе се реши да престане со вградување на само една камера на задната страна, па овој пат ќе вгради изгледа три, барем така изгледа од сликата.

Конкурентите веќе одамна вградуваат по најмалку три камери кај своите најсилни модели, а тоа им овозможува на корисниците да добијат нешто подобри слики, како и повеќе ефекти кои зависат од проценката на камерите за оддалеченоста на објектите и слично.

Google обично ги претставува своите Pixel уреди во октомври, кога и официјално ја пушта наредната верзија од Android која во текот на годината е достапна како бета верзија.

Оставете коментар